Свет
Катар ги протера иранските воени и безбедносни аташеи
Катар ги прогласи воените и безбедносните аташеи на иранската амбасада и нивниот персонал за непожелни лица и ги протера од земјата – се вели во соопштението објавено синоќа.
Министерството за надворешни работи на Катар во соопштението споделено на социјалната мрежа Х наведува дека на иранските претставници им е даден рок од 24 часа да ја напуштат заливската држава.
„Министерството појасни дека оваа одлука доаѓа како одговор на повторените ирански гаѓања и очигледната агресија врз Државата Катар“, се продолжува во соопштението нарекувајќи го тоа кршење на „нејзиниот суверенитет и безбедност“, како и на резолуциите на ОН, меѓународното право и „принципите на добрососедство“.
Катар соопшти дека ги предупредил иранските власти дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки за да ги заштити својот суверенитет и безбедноста во согласност со одредбите на меѓународното право“, пренесе ДПА.
Во текот на американско-израелските напади врз Иран иранските вооружени сили во повеќе наврати со ракети и беспилотни летала ги нападнаа Катар и другите држави во Заливот, кои се сојузници на САД.
март 19, 2026

