Connect with us

Свет

Габард: Иран е ослабен, но сè уште претставува закана за САД и сојузниците

Иранскиот режим е значително ослабен од почетокот на војната на 28 февруари, но и натаму опстојува и задржува способност да изведува напади врз интересите на САД и нивните сојузници на Блискиот Исток, изјави директорката на американското Национално разузнавање, Тулси Габард.

– Режимот во Иран изгледа зачуван, но во голема мера ослабен од операцијата ‘Епски гнев’ – рече Габард, алудирајќи на воената кампања на САД и Израел против Техеран. Таа се обрати на годишното сослушување пред Комисијата за разузнавање во Сенатот на САД посветено на глобалните закани.

Сепак, нагласи дека Иран и неговите сојузници и натаму располагаат со капацитет да напаѓаат американски цели во регионот. Доколку режимот опстане, според неа, ќе се обиде долгорочно да ги обнови своите ракетни и беспилотни капацитети.

Сослушувањето беше фокусирано на војната со Иран, која влезе во третата недела, во услови кога законодавците – вклучително и дел од сојузниците на претседателот Доналд Трамп, како и демократите – бараат повеќе информации за кампањата со воздушни напади што однесе илјадници животи, расели милиони луѓе и предизвика потреси на енергетските и финансиските пазари.

Демократите особено ја критикуваат администрацијата на Трамп дека не обезбедила доволно информации за Конгресот за конфликтот, кој чини милијарди долари, и инсистираат на јавни сослушувања наместо досегашните доверливи брифинзи.

Сведочењето на Габард и на директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, се очекуваше да се осврне и на оставката на Џозеф Кент, директор на Националниот центар за борба против тероризмот и близок соработник на Габард. Тој е првиот висок функционер од администрацијата на Трамп кој се повлекол поради војната.

Во писмо објавено на социјалните мрежи, Кент наведе дека „не може со чиста совест да ја поддржи продолжената војна“, оценувајќи дека Иран не претставувал непосредна закана и дека конфликтот бил поттикнат под притисок на Израел. Белата куќа ги отфрли овие тврдења како неточни.

Извештајот за заканите што Габард го презентираше дополнително ги продлабочи нејаснотиите околу иранската нуклеарна програма. Додека дел од претставниците на администрацијата претходно тврдеа дека Иран бил на чекор до нуклеарно оружје, Габард денеска изјави дека програмата била уништена во американско-израелските напади во јуни 2025 година.

„По операцијата ‘Полноќен чекан’, нуклеарната програма на Иран беше уништена и нема индиции за обиди за обновување на капацитетите за збогатување ураниум“, наведе таа, додавајќи дека влезовите во подземните објекти биле затрупани и запечатени.

Претседателот на Комисијата, сенаторот Том Котон, ги пофали потезите на Трамп, оценувајќи дека тие придонеле за поголема глобална безбедност. Наспроти тоа, заменик-претседателот на комисијата, Марк Ворнер, ја критикуваше администрацијата за недоволна транспарентност и за намалување на капацитетите за следење на Иран.

Во меѓувреме, се отворија и прашања за разузнавачките информации што му биле доставени на Трамп пред одлуката да се приклучи на израелските напади.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги започнал нападите врз Иран и покрај повторените предупредувања од неговите разузнавачки служби за ризикот од иранска одмазда и блокада на Ормуската Теснина, објави денеска францускиот весник „Трибин“ (La Tribune), анализирајќи ја ескалацијата во Заливот.

Иако Трамп неодамна изјави дека иранската одмазда го затекла „неспремен“ и дека никој не очекувал таква реакција, разузнавачките извори тврдат дека регионалното ширење на судирот било предвидено како „високо на листата на потенцијални последици“. Воената операција „Епски гнев“, започната на 28 февруари заедно со Израел, се засноваше на тврдења за итна иранска балистичка и нуклеарна закана, кои федералните агенции не ги потврдија во целост. Аналитичарите предупредуваа и на блокадата на Ормуската Теснина – стратешки премин низ кој минува речиси 20 отсто од светскиот проток на нафта, што веднаш предизвика шок на енергетските пазари.

Француските медиуми, меѓу кои и „Монд“ (Le Monde) и „Поен“ (Le Point), оценуваат дека иако со убиствата на високи функционери е десеткуван врвот на власта, режимот во Техеран по три недели сè уште опстојува. Извештаите говорат за над 15.000 погодени цели и околу 2.000 загинати, вклучувајќи голем број цивили. Експертите сметаат дека Трамп ја губи контролата над војната, бидејќи воздушните напади не се доволни за уривање на диктатурата, додека во САД расте незадоволството кај 59 отсто од граѓаните кои не ја поддржуваат војната пред претстојните избори за Конгресот.

Инаку, сослушување за глобалните безбедносни закани утре ќе одржи и Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом.

Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави за „Фокс њуз“ дека Трамп има „целосна доверба“ во Габард, нагласувајќи дека Кент не бил вклучен во дискусиите за операциите во Иран.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3