Вести
Епископот велички г. Никола нов администратор на Австралиско-новозеландската епархија, г. Петар разрешен по негово барање
Светиот архијерејски синод го разреши досегашниот администратор на Австралиско-новозеландската епархија г. Петар и за нов епархиски архијереј го избра епископот велички г. Никола (Трајковски), со титула митрополит австралиско-новозеландски. Неговото назначување се смета од денот на изборот.
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) на денешната редовна седница во полн состав, го разгледа предлогот на митрополитот г. Петар за негово разрешување од должноста администратор на Австралиско-новозеландската епархија и назначување нов епархиски архијереј.
-Светиот Синод особено внимание посвети на предлогот на митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозелански г. Петар да биде разрешен од должноста администратор Австралиско-новозеландски и го усвои неговиот предлог за назначување нов митрополит на Австралиско-новозеландската епархија. Светиот архијерејски синод го разреши досегашниот администратор и за нов епархиски архијереј на Австралиско-новозеландската епархија го избра Епископот Велички г. Никола (Трајковски), со титула Митрополит Австралиско-новозеландски и неговото назначување се смета од денот на изборот. Наоѓајќи се во благословен период на Светата четириесетница го молиме Семилостивиот Бог да ја излее својата благодат врз верните чеда, та молитвено да ги поминеме преостанатите денови од Великиот Пост, за достојно да го пречекаме Светлото Христово воскресение, наведува Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
март 19, 2026

