Connect with us

Вести

Собранието ги поддржа измените на законите за пензиите и за номинирање стратешки партнер за проектот за коридорите 8 и 10 д да се носат по скратена постапка

Собранието денеска во рамки на 94. седница поддржа измени на два закони да се носат по скратена постапка. Станува збор за измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и измените на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за Автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на Автопатот Прилеп – Битола). Првите измени за скратена постапка добија поддршка од 78 пратеници, а вторите од 63, по што собранискиот спикер Африм Гаши ги задолжи матичните собраниски комисии да расправаат по текстовите.

Пратеничката Саранда Имери Стафаи ја образложи потребата за скратена постапка за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, појаснувајќи дека станува збор за овозможување за зголемувањето на пензиите, согласно планираните политики на Владата.

Со тоа, додаде таа, оваа Влада успела за вкупно 7.000 илјади денари да ги зголеми пензиите, имајќи ги предвид првите две зголемувања од по 2.500 денари, тоа од илјада денари во октомври лани и мартовското, исто така, за илјада денари. 

– Ова го осведочува нашето залагање за подобрување на стандардот на пензионерите и за изградба на подобар социјален и стабилен систем – додаде таа.

Во Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување во член 2 во ставот 2 зборовите: „и на 1 март 2026 година“ и „односно 28 февруари 2026 година“ се бришат и по ставот 2 се додава нов став 3 кој гласи: „Сите видови на пензии, кои се остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2026 година, на 1 март 2026 година се зголемуваат за 1.000 денари.“

Потребата за носење по скратена постапка на Предлог на закон за изменување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д ја образложи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој истакна дека станува збор за техничка измена на само еден член. 

Тој појасни дека досега проектот е финансиран од буџетот и било оневозможено Јавното претпријатие за државни патишта исто така да учествува во финансирањето.

– Имајќи предвид дека ЈПДП има релативно солиден буџет од сопствени извори и средства, сметаме дека заради големината и значењето на проектот добро е и тоа да е вклучено како носител и инвеститор во проектот – појасни Николоски.  

Собранието не даде поддршка на предлогот по скратена постапка да се донесе и дополнувањето на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, кој го образложи Моника Зајкова, а со кој се предлага воведување електронска нараквица за следење на сторителот за насилство, која ќе ја предупреди жртвата дека се приближува до одредено место, каде таа се наоѓа.

Моника Зајкова од ЛПД, образложувајќи ја потребата да се донесе во скратена постапка, посочи дека истиот закон бил предложен пред една година и оти нема финансиски импликации, бидејќи во депото на Министерството за правда има голем број електронски нараквици, наменти за системот за пробација, кои можат да се искористат за оваа цел.

– И оваа година не поминаа измените на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, предложени од Либерално-демократската партија (ЛДП), со кои покрај забраната за движење, сторителот на насилство ќе биде обврзан да носи електронска нараквица за следење и предупредување на жртвата.  Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита – изјави Зајкова.

На денешната 94. седница Собранието го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Изборот на Савески го поддржаа 66 пратеници, против гласаа двајца, а осум беа воздржани.

По изборот  на Савески, Гаши истакна дека дополнително ќе го закаже продолженито на 94. седница, на која, меѓу другото, на дневен ред е и предлогот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието. Комисијата за избори и именувања утврди предлог-листа од двајца кандидати и тоа Cejфула Османи, доктор на правни науки од Градец, Врапчиште и Apбер Исаку, дипломиран правник од Тетово.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2