Connect with us

Култура

Поетско-музичка вечер „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“ во „Лабораториум“

Под слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“, ќе биде одбележан Светскиот ден на поезијата, со настан на кој ќе читаат 30-тина современи македонски поети и поетеси од сите генерации и со музичка програма од современи македонски музичари.

Темата на оваа поетска вечер, што ќе се одржи во „Лабораториум“, велат организаторите, не е случајно избрана.

– Патот е важна одредница на сите поети – и општочовечкиот и поетскиот, автореференцијалниот. Секој поет уште од своите почетоци се труди да се издвои по својот стил – односно да го најде својот автохтон пат во поезијата. Тој пат е и примамлив и неизвесен, бара длабење во најдлабокото, но и остар увид во површното, секојдневното. На тој начин, поезијата може да се сфати и како пат кон себе, но и како пат кон другиот, а поетот станува патник упатен кон растајнување на непознатото. Притоа, патот за поетот не е цел сама по себе, туку е суштествена потреба на духот, израз на ‘поривот што за смисла не прашува’, вели поетесата Виолета Танчева-Златева, која подготвува „Антологија на патот“ од современата македонска поезија.

Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи младата поетеса Ивана Јовановска, а настанот ќе го модерира поетесата и новинарка Александра Спасеска. 

Музичкото интермецо меѓу стиховите ќе го изведе Зарина Првасевда, а настанот ќе го заокружат „Поетроника“, кои со своите иновативни звуци ќе ја продолжат забавата до самото затворање.

Сите истакнати поети од различни генерации што ќе читаат на овој настан се објавени на официјалните социјални страници на Издавачки центар ТРИ, кој во соработка со Општина Центар, го организира настанот за прослава на поезијата.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4