Општини
Караванот „Каде што срцето е дома“ ги посети општините Богданци и Гевгелија
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес одржа работни средби со градоначалниците и општинската администрација на општините Богданци и Гевгелија. Можностите и предизвиците кои овие две општини од југоистокот ги имаат за развој се дискутираа на одржаните состаноци.
-На средбите беа отворени сите можности кои што реурсниот центар како нов проект на Министертвото ги овозможува за локалните самоуправи. Се разговараше и за пограничната соработка, за која ова министерство е одговорно. Она што нас како централна власт ни е императив е да порачаме дека во рамки на Владата сите општини имаат докажан партнер, а тоа го докажавме со првиот и вториот јавен повик. За илустрација во првиот повик општина Богданци доби приближно 80 милиони денари или колку два годишни општински буџети, а општина Гевгелија во првиот и вториот повик за 11 проекти доби 221 милион денари, истакна Перински.

Министерот за локална самоуправа најави дека на крајот од месецот ќе се одржи координативен и почетен состанок со претставници од општините за почеток на процесот на отворање на Законот за меѓуопштинска соработка, со цел да се подобри законското решение.
-Преку подобрување на Законот ќе им се стават дополнителни механизми на општините, да можат меѓусебно да иницираат соработка во која ќе ги надминуваат секојдневните предизвици кои ги тиштат. За жал во Македонија има општини каде нема доволен кадар меѓу вработените во општинските администрации, каде на пример немаме вработено правник или економист, а имајќи во предвид дека сите општини во Македонија ги имаат сите ингеренции, тогаш доаѓаме до заклучок дека покрај она што го нуди ресурсниот центар мора да постои и законско подобрување во делот на меѓуопштинската соработка, посочи министерот Перински.
На новинарско прашање, ресорниот министер одговори дека за жал измените на Законот за локална самоуправа се уште се во собраниска процедура.

– Иако сите амандмани од опозицијата беа прифатени и имплементирани во рамки на предлог измените, се уште заради, веројатно политички инат, опозицијата не сака да даде подршка за негово усвојување, а знаете дека е системски закон за кој е потребно двотретинско мнозинство кое и не е толку тешко да се обезбеди, рече Перински.
Во рамки на посетата на Гевгелија се направи увид и на градежните работи за реконструкција на објектот на најстарото училиште во оваа општина, во населеното место Серменин.
– Остваривме работна средба за унапредување на функционирањето на локалната самоуправа. Исто така, денес правиме увид на Проектот за реконструкција на школото во Серменин кој се реализира во рамките на пограничната соработка со Разлог од Бугарија и предвидува изградба на нова еко вело патека во вкупна должина од 1.005 метри. Старото училиште, кое со години е запоставено, по завршувањето на проектот, ќе добие целосно нов лик и намена и ќе биде ставен во функција како модерен простор за граѓаните, здруженијата и организациите, истакна градоначалникот Андон Сарамандов.
Министерството за локална самоуправа обезбеди 15 проценти национално кофинансирање на овој проект, чија вкупна врдност е 308 767 евра.
март 18, 2026

