Connect with us

Регион

Истражување: 95,9 проценти од новинарите во Србија доживуваат стрес на работа речиси секој ден

Стрес во помала или поголема мера од секојдневно до повремено имаат 95,9 проценти од новинарите во Србија – беше објавено синоќа на презентацијата на анализата за менталното здравје на новинарите за 2025 година. Меѓу причините за стрес се малите плати, лошите услови за работа, но и надворешните притисоци.

„Со мобинг на работното место се соочиле 41,7 процент од новинарите, најчесто од страна на уредниците“, нагласи професорката по психологија на Филозофскиот факултет, Тамара Џамоња-Игњатовиќ

Таа додаде дека најчести причини за стрес се малите плати, финансиската несигурност, лошите услови за работа и известувањето за трауматски настани.
Педесет отсто од испитаниците (218) веруваат дека надворешните притисоци и заканите се исто така причини за стрес. Тоа е за 10 проценти повеќе испитаници што ги навеле како предизвикувачи на стрес во споредба со 2023 година.

Џамоња-Игњатовиќ изјави дека 40 проценти од новинарите имаат субјективно чувство на депресија, а дека дури 77 проценти од нив чувствуваат висок степен на анксиозност.

Веран Матиќ, претседател на УО на Здружението на независните електронски медиуми (АНЕМ) и негов претставник во постојаната работна група за безбедност на новинарите, изјави дека во изминатата година работата на новинарите станала сè посложена.

„Голем број колеги од медиумите се изложени на лаги секој ден, изложени се на клевети и откривање лични информации што може да ги обезбедат само државните институции, а ова е нешто што за многумина претставува застрашувачка информација“, рече Матиќ.

Тој додаде дека државата пред претстојните локални избори на 29 март во 10 општини се подготвува за „пресметка со остатоците од професионалните медиуми во Србија“.

„Каде и да одиме, има една или две редакции што ја работат својата работа професионално, со двајца или тројца вработени или невработени или волонтери. Обемот на професионалното новинарство и медиуми се намалува, а владата воспоставува нови медиуми, кои ќе бидат само извршители на наредби и ќе пренесуваат најлоши клевети“, рече Матиќ. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4