Регион
Европарламентот бара кандидатски статус за Косово, но предупредува на загрозена слобода на медиумите и изборниот ќор-сокак
Целосна поддршка за стратешката определба на Косово за евроатлантски интеграции, посебна поддршка и за отстапките непосредно пред стапувањето во сила на Законот за странци, но и загриженост поради изгубеното време како последица на политичките нејасности, беа главните пораки кои се слушнаа денеска за време на дебатата за Косово во Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Како што известува коха.нет дебатата беше водена врз основа на извештајот кој го претстави Рихо Терас, известувач за Косово. Тој го нагласи добриот изборен процес, но се фокусираше и на политичката блокада која во голема мера ги попречи потребните реформи на Косово. Говорејќи за негативните аспекти, известувачот Терас посебно го истакна влошувањето на слободата на медиумите на Косово, како и недостигот на транспарентност на сопственоста над медиумите.
Тој, исто така, не пропушти да ги спомене санкциите на ЕУ кон Косово, велејќи дека тие оставиле тешки последици. – Ниту еден состанок не помина без споменување на казнените мерки кон Косово. Тие се ублажени, но треба веднаш да бидат укинати, бидејќи немаат смисла – рече тој. Известувачт додаде дека овие мерки ги погодиле граѓаните, цивилниот сектор и општеството на Косово во целина. Во текот на расправата, тој повторно ги повика петте земји на ЕУ кои досега не ја признале независноста на Косово, тоа да го сторат.
Во дебатата беше истакнато дека Косово има многу добри примери на демократија и дека може да биде поука за другите во регионот како се организираат избори, но дека политичката елита треба да покаже поголема одговорност за да ги надмине несогласувањата.
Шефот на делегацијата за Косово, Давор Иво Штир, побара на Косово да му се додели статус на кандидат. – Косово пред неколку дена ја одбележа 18-годишнината од независноста. Дојде време ЕУ да му додели на Косово статус на земја кандидат – рече овој хрватски пратеник, нагласувајќи дека, на барање на самата Србија, Меѓународниот суд на правдата утврдил дека независноста на Косово не е во спротивност со меѓународното право. Исто така рече дека Србија преку договорите од дијалогот се согласила да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации.
„Иако предизвиците на Косово во голема мера се надвор од него, главниот предизвик е внатре во него. Тоа е неможноста на политичарите да ги надминат несогласувањата“, рече тој. Претставничката на Европската служба за надворешни работи, Ане Кемпаинен, ја поздрави согласноста за спроведување на Законот за странци, нарекувајќи го тоа прв чекор кон интеграција на институциите поддржани од Србија во структурите во рамките на правниот систем на Косово.
Во самиот текст на извештајот, политичката криза од минатата година, како и нејасностите кои се вратија по неуспехот на изборот на претседател, ги претставуваат главните пораки. Во нацртот на овој извештај се поздравува формирањето на Собранието и создавањето на новата Влада на Косово по изборите од 28 декември, но истовремено се изразува жалење поради неуспехот на Собранието да избере нов претседател во уставниот рок, со што земјата, како што е оценето, е турната кон нови избори.
март 18, 2026

