Култура
Велешките гимназијалци одбележаа 84 години од Штрајкот на гимназијалците од 1942 година
Учениците и вработените од Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес со театарска претстава насловена „Штрајкот на велешките гимназијалци“ на сцената на Теaтарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ одбележаа 84 години од Штрајкот на тогашните гимназијалци од 14 март 1942 година за време на Втората светска војна, поради несогласување за воведување на бугарскиот јазик во наставата од страна на бугарската фашистичка власт.
Воедно учениците со оваа програма синоќа и публиката во преполната сала на Театарот со едноминутно молчење им оддадоа почит на трагично загинатите млади, нивни врсници, во Кочанската трагедија во дискотеката „Пулс“ од 16 март 2025 година.
Инаку театарската претстава која беше збогатена со видео бим, беше подготвена од професорките по македонски јазик и литература Цветанка Карамаркова и Весна Павлова во соработка со професорите по музичка и ликовна уметност, Атанас Зафиров и Јулијана Михова. 
Во своето обраќање до присутните директорот Илија Попов, потенцира дека овој настан оставил длабока трага во историјата на училиштето и Велес. Тогаш група ученици покажале храброст, достоинство и силна верба во вредностите кои ги носи образованието.
-Тие луѓе оставиле порака дека младоста има сила да се спротивстави на неправдата, да ја брани слободата. Историјата не учи кога младите имаат знаење, храборост и идеали, тие можат да остават трага што трае со децении. Нашата Гимназија со историја подолга од век и пол, е место каде се создава знаење, се градат карактери и се се раѓаат идеи, потенцира Попов.
Учениците Кристијан Мартинов и Избела Жабева, кои ги играат едни од главните улоги во претставата, за МИА посочиј дека напорно работеле на претставата, но се горди што оживеаја вака значаен настан од историјата на Велес кој долго треба да се памети.
-Чест ни е да потсетиме на вака важен настан во градот кога младите се побуниле против воведување на бугарскиот јазик во Гимназијата за што поддршка добила од мнозинството граѓани, потенцира Кристијан.
Изабела рече дека преку оваа претстава воедно им оддаваат почит на нивните врсници кои минатата година трагично загинаа во дискотеката „Пулс“ во Кочани, „за жал не остварувајќи ги своите цели и идеали на младоста и својот живот“.
март 17, 2026

