Свет
Пезешкијан: Иран нема да капитулира, одбраната на земјата е наше право
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Иран не ја почнал војната со САД и Израел и рече дека одбраната на земјата од напади е „природно право“ на Техеран додавајќи дека почнувањето освојувачки војни е „средновековен чин во 21 век“.
„Мирот и стабилноста во регионот не може да се постигнат со игнорирање на ционистичко-американската инвазија на нашата земја. Исламската Република Иран нема да се предаде на бандитите“, рече Пезешкијан, објави „Ал џезира“.
Тој додаде дека Техеран очекува меѓународната заедница да ја осуди инвазијата и да ги убеди, како што изјави, напаѓачите да го почитуваат меѓународното право.
„Разговорите за завршување на војната немаат смисла сè додека не бидеме сигурни дека нема да има нови напади врз нашата територија во иднина“, рече иранскиот претседател.
Пезешкијан исто така изјави дека треба да запре употребата на американските воени бази во регионот против Иран, со цел нарушување на односите на Техеран со соседните земји.
САД и Израел го нападнаа Иран утрото во саботата на 28 февруари, со, како што ги нарекоа, „превентивни напади“, до кои дојде по неуспехот на повеќето рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран почна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток.
март 17, 2026

