Connect with us

Регион

Нацрт-извештајот за Србија пред ЕП: Реформите се забавени, назадување во владеењето на правото и медиумите

На Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент ќе му биде презентиран денеска нацрт-извештајот за Србија, во кој се наведува дека реформите значително се забавиле и покажуваат назадување, особено во областа на владеењето на правото и слободата на медиумите.

РТС јави дека во текстот што го придружува извештајот, се наведува дека напредокот на Србија кон Европската унија е запрен во претходните години, првенствено поради загриженоста во врска со состојбата на демократијата и владеењето на правото.

Во извештајот се оценува дека политичките права и граѓанските слободи во Србија се во опаѓање, со притисок врз независните медиуми, академската заедница, опозицијата и организациите на граѓанското општество.

Во документот подготвен од известувачот за Србија, Тонино Пицула, се оценува дека напредокот кон членство во ЕУ зависи од целосно почитување на вредностите на Унијата, демократијата и основните права, кои се дел од Копенхашките критериуми. „Ова не значи само усвојување на реформи, туку и нивно целосно спроведување во пракса“, се вели во нацрт-документот.

По прелиминарната дискусија, европратениците ќе можат да ги достават своите амандмани до 9 април, а конечниот текст во форма на резолуција треба да биде усвоен на пленарната седница на парламентот во мај или јуни.

Документот „потсетува“ дека полноправното членство во ЕУ е прокламирана стратешка цел на Србија, но наведува дека оваа посветеност „честопати не се одразува во пракса, како во случајот со отсуството на највисоките претставници на Србија од самитот ЕУ-Западен Балкан во декември 2025 година“.

Во извештајот се наведува дека Србија треба „јасно и доследно да ја демонстрира својата геополитичка ориентација кон ЕУ, вклучително и целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ“, а особено со рестриктивните мерки воведени од ЕУ во контекст на руската агресија врз Украина.

Во текстот на извештајот се изразува жалење за „фактот дека Србија постигнала ограничен или никаков напредок во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ во многу други поглавја од преговорите“.

Преговорите за пристапување на ЕУ со Србија треба да напредуваат „само врз основа на мерлив и одржлив напредок во основниот кластер, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, независноста на судството, слободата на медиумите и реформата на јавната администрација“.

Документот „решително ги отфрла сите обвинувања од српските претставници дека ЕУ и некои од нејзините земји-членки биле вклучени во организирање студентски протести, почнувајќи од ноември 2024 година, со цел да предизвикаат „шарена револуција“.

Нацрт-извештајот ги осудува „неприфатливото однесување, навредите и негативната реторика упатени кон членовите на ЕП и други политички актери, вклучително и членовите на мисијата на Комитетот за надворешни работи во Србија во јануари 2026 година“.

„Сериозна загриженост“ се изразува и за промените во судските закони, кои се оценуваат како „сериозен чекор назад на патот кон членство во ЕУ, бидејќи тие дополнително ја ограничуваат независноста на судството и автономијата на обвинителството“.

ЕП е загрижен и за продлабочувањето на социјалната криза во контекст на масовните граѓански протести од ноември 2024 година, за кои се наведува дека „ја одразуваат реакцијата на народот на Србија на перцепираната системска корупција и недостатокот на одговорност и транспарентност во земјата“.

Во извештајот се наведува верувањето дека „најдобриот начин за решавање на политичката криза во Србија е одржување слободни и фер избори“ и се повикува на целосно спроведување на сите препораки на ОДИХР на транспарентен и инклузивен начин.

Важноста на конструктивното ангажирање во дијалогот меѓу Белград и Приштина се повторува со цел да се постигне „сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација, заснован на меѓусебно признавање и во согласност со меѓународното право“. Во извештајот се повикуваат „Косово и Србија“ да ги спроведат Бриселскиот и Охридскиот договор, вклучително и воспоставувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство и прекинувањето на противењето на Србија кон членството на Косово во регионалните и меѓународните организации.

Во извештајот, исто така, се истакнува дека поддршката за Србија и другите земји во Западен Балкан од Планот за реформи и раст е условена од почитување на ефикасните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем, слободни и фер избори, плуралистички медиуми, независно судство, владеење на правото и исполнување на сите обврски за човекови права.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1