Connect with us

Култура

Промовирана стихозбирката „Судбината без тебе нека е проклета“ од Марга Велеска

Bo Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, се одржа промоција на третата книга на поетесата и писателка Марга Велеска. Се работи за збирката поезија насловена „Судбината без тебе нека е проклета“.

– Поезијата отсекогаш била најискрениот простор каде што човечката болка, љубовта и копнежот се среќаваат без маска. Во стихозбирката „Судбината без тебе нека е проклета“, Марга Велеска создава интимна лирска исповед во којашто љубовта не е идеализирана, туку доживеана во нејзината најранлива форма – како желба што не се остварува, како спомен што не избледнува, и како судбина од која не се бега, истакна рецензентката Ивана Глоѓуновска.

Љубовта во оваа збирка, се вели, не е едноставен збор, туку патување полно двоумења, внатрешни борби и тивки порази.

– Збирката зборува за љубовта како трајна човекова состојба – и кога е остварена и кога е само спомен. Оваа книга се чита тивко, со задржан здив. Како книга што не проколнува од омраза, туку од љубов којашто не знае како поинаку да преживее, заклучи Глоѓуновска.

Велеска рече дека поезијата не се чита, таа се чувствува со срцето.

– Вечерва имавме можност заедно да поминеме низ стиховите на стихозбирката „Судбината без тебе нека е проклета“ – стихови кои зборуваат за љубовта, за болката, за сеќавањата и за судбината што понекогаш знае да биде сурова, а понекогаш и убава. Оваа вечер за мене има посебно значење, затоа што поезијата не би имала вистинска вредност доколку не се сподели со луѓе кои знаат да ја почувствуваат. Вашето присуство вечерва покажува дека зборот, книгата и стихот сѐ уште имаат силен ефект врз нас, изјави Велеска.

Промоцијата беше збогатена со музички настап на малиот рапер Павел и играорна изведба на детскиот Фолклорен ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“. На крајот поетесата ги потпиша книгите со посвета до читателите.

Ова е втора нејзина стихозбирка, по „Тишина“, дело за коешто во 2006 година ја доби наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитанска поетска книга. Меѓу овие две стихозбирки, Велеска во 2023. го издаде и автобиографскиот роман „Заробена во сопственото тело“. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 1