Свет
Канада и скандинавските земји договорија соработка во воено индустриското производство
Премиерите на Канада и петте скандинавски држави на денешната средба во Осло договорија соработка за зајакнување на воено индустриско производство, како поддршка на колективната одбрана, безбедноста и отпорноста
Во заедничката изјава по средата се наведува дека, Норвешка, Шведска, Данска, Финска, Исланд и Канада ќе продолжат да обезбедуваат економска, цивилна, воена и хуманитарна помош за Украина.
– Подлабоката соработка ќе помогне да се осигури безбедноста и да се создадат нови можности за економски раст, рече домаќинот на состанокот, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Додека премиерката на Данска, Мете Фредериксен посочи дека „стариот светски поредок исчезна и веројатно нема да се врати. Затоа треба да изградиме нешто ново, а тоа мора да биде светски поредок заснован на вредностите за кои се залагаме“.
Премиерите на шесте држави се договорија и да ја зајакнат колективната одбрана, безбедност и отпорност преку поблиска соработка во набавките за одбраната.
– Сите се согласуваме дека ако ги трошиме овие пари одделно или на некоординиран начин, тоа нема да биде добро за даночните обврзници. Исто така, нема да ги заштити нашите граѓани колку што треба. Сè уште многу набавуваме од САД, но сигурно ќе се стремиме повеќе да набавуваме од партнерите. А, тоа е многу поширок опсег на земји со кои можеме да соработуваме, нагласи Карни.
Лидерите на нордиските земји и Канада ја идентификуваа Русија како главна закана на Арктикот. Додека Сторе наведе дека „на подолг рок, тоа би можело да биде и Кина“.
Шесте лидери во својата заедничка изјава потврдија дека ја ценат соработката и меѓународното право „во ера обележана со зголемени геополитички тензии, војна и повеќекратни кризи“.
– Со сè што се случува во моментов – војната во Украина, САД, кои за жал ги укинуваат санкциите против Русија и војната на Блискиот Исток – земји како нашата мора да останат обединети, посочи Фредериксен.
Таа се заблагодари на Канада во услови на „неприфатлив притисок“ од американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд.
– Сите се соочуваме со постојан растечки список на предизвици: предизвици поврзани со безбедноста на Арктикот, предизвици поврзани со променливата природа на војната и предизвици што произлегуваат од интеракцијата помеѓу новите технологии и конфликтите – и реални и виртуелни – кои ни се приближуваат на сите нас, истакна Карни.
Премиерот на Финска, Петери Орпо наведе дека неговата држава се Финска се приклучува кон политиката на соседните земји и нема намера да распоредува нуклеарно оружје на своја територија.
Состанокот со лидерите на скандинавските земји е нов обид на канадскиот премиер да изгради нови глобални сојузи. Карни се залага за поблиски врски со Кина и земјите од Блискиот Исток, како и со Индија и Европа, обидувајќи се да ја намали зависноста на неговата земја од САД и да создаде трговски систем предводен од, како што ги нарекува „средни сили“.
март 15, 2026

