Регион
Воздушен напад со проектил или дрон врз танкер под грчко знаеме во Црно Море
Воздушен напад со проектил или дрон бил извршен врз танкер што плови под грчко знаме во морскиот дел на 14 наутички милји од Новоросијск во Црното Море, а сите 24 членови на екипажот се во добра здравствена состојба, информираа од крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од нападот била предизвикана само материјална штета на десната страна на бродот и продолжува да плови со сопствен погон и не било регистрирани загадување на морето.
Членовите на екипажот се 13 Филипинци, десет Грци и еден Романец и сите се во добра здравствена состојба.
Министерот за поморство и островска политика на Грција, Василис Кикиљас во интервју за државната телевизија ЕРТ објасни дека танкерот празен отпловил од Солун и требало да пренесе нафта, додаде дека е нејасно дали бил погоден од дрон или од мал проектил, а одговарајќи на прашање за потеклото на нападот рече „мислам дека сите разбираме“.
– Ќе направиме сè што е потребно за да ја заштитиме нашата флота, истакна министерот.
Паралелно додаде дека ги информирал и грчкиот премиер и министерот за надворешни работи на Грција и дека ќе реагираат и ќе ги преземат сите неопходни чекори, и на ниво на Европски совет и каде што е потребно.
– Сметам дека е неприфатливо и многу опасно таргетирањето на нашите бродови под грчко знаме, како и на грчките бродови кои се законски изнајмени. Грчките морнари и поморството се обидуваат едноставно да си ја вршат својата работа и нормално треба да бидат надвор од какви било политички интереси и секако надвор од воениот конфликт, истакна Кикиљас.
март 14, 2026

