Општини
Во Битола потсетување на пораката на Кемал Ататурк – „Мир во татковината, мир во светот“
Амбасадата на Република Турција во земјава, воени делегации на Армијата и Република Турција, дипломати, претставници на здруженија за македонско-турско пријателство, градоначалникот на Општина Битола и други гости, денеска одбележаа 127 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во битолската Воена гимназија во Битола.
На традиционалната свеченост, бригадниот генерал во Армијата Луљзим Нуредини, командант на Командата за обука и доктрини истакна дека во Битола, Мустафа Кемал Ататурк ги стекнал знаењата, дисциплината и вредностите што го изградиле во лидер со визија, лидер кој не само што ја водел својата нација во тешки времиња, туку и ги поставил темелите за модерна и силна држава.

-За нас како воени професионалци Ататурк претставува траен пример за стратешко размислување, одлучност и одговорност кон државата. Неговото лидерство и денес претставува лекција за секој офицер и командант. Неговата мисла „Мир во татковината, мир во светот“ останува силна порака и во денешниот свет. Таа потсетува дека улогата на вооружените сили не е само да ја бранат државата, туку и да придонесуваат за стабилност, безбедност и мир. Република Македонија и Република Турција имаат искрено и цврсто партнерство. Во областа на одбраната оваа соработка е особено значајна и се остварува преку воена едукација, заеднички обуки, модернизација и размена на искуства. Турција е важен партнер во развојот на нашата армија и во унапредувањето на нејзините способности во согласност со НАТО стандардите. Денешното одбележување не е само потсетување на историјата, тоа е и потврда дека вредностите на лидерството, образованието, дисциплината и служба кон татковината остануваат темел на секоја силна држава, истакна Нуредини.
За лидерството на Ататурк говореше и турскиот бригаден генерал Рамазан Топер кој потсети дека во 19-от век Битола претставувала една од портите на Отоманската империја.
-Ние денес не одбележуваме само едно дипломирање, туку и почеток на една судбина на младиот кандидат за офицер кој се школува во Воената гимназија во Битола, а подоцна ќе ја предводи борбата за независност на еден народ и ќе ја промени судбината на тој народ. Военото образование стекнато во ова училиште, формирањето на карактерот, спојувањето на храброста со интелигенцијата и љубовта кон татковината ќе изградат еден голем лидер. Битола, која во 19-от век претставувала една од портите на Отоманската империја кон Западот, како и образованието што младиот Мустафа Кемал го стекнал од еминентните наставници во Воената гимназија има големо влијание во формирањето на неговата национална свест и историска самосвест, нагласи генералот Топер.
Во своето обраќање на свеченоста во Битола, турскиот амбасадор во земјава Фатих Улусој посочи дека со гордост истакнува дека како што рече, нашата длабоко вкоренета историја и заедничка култура претставуваат значаен извор на богатство на нашите народи.
-Ататурк не бил само генијален воен лидер, туку и реформатор, мудар државник кој значителен дел од својот живот го поминал на боиштата, посветувајќи го својот живот на одбрана на татковината и зачувувањето на националниот суверенитет. Во овие времиња кога мирот ни е потребен повеќе од кога било, би сакал да се потсетиме на зборовите на Ататурк кои ја претставуваат основата на нашата надворешна политика „Мир во татковината, мир во светот“, истакна амбасадорот Улусој.
Амбасадорот на Република Турција на НУ Завод Музеј Битола му подари Офицерска сабја која од денеска е изложена во Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк.

Офицерската сабја е симбол која во турските вооружени сили претставува воена дисциплина, команден авторитет, легитимитет на државата, како и знак на честа. Офицерската сабја офицерите ја носат при свечености, за време на дипломирање и при посети на свечени церемонии
март 14, 2026

