Свет
Сијарто: ЕУ треба да го следи примерот на САД и да ги укине санкциите врз руската нафта
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави дека САД ги суспендирале санкциите врз поморскиот транспорт на руска нафта, но дека Европската Унија не го следела нивниот пример, што, според него, дополнително го поттикнува растот на цените на енергијата во Европа, пренесува „Анадолија“.
Сијарто го критикува Брисел за, како што рече, одбивањето да ги ублажи ограничувањата што го спречуваат враќањето на руската нафта на европскиот пазар.
Тој рече дека Европската комисија „продолжува да танцува на ’свирката’ на украинскиот претседател Володимир Зеленски“ алудирајќи на тоа дека Европската Унија (ЕУ) ги одржува санкциите и покрај зголемениот притисок врз енергетскиот пазар.
Тој исто така предупреди дека војната на Блискиот Исток заедно со затворањето на Ормуската Теснина веќе го намалува глобалното снабдување со нафта, што доведува до зголемување на цените.
„Ако количеството на нешто се намали, цената се зголемува“, рече тој истакнувајќи дека Европа е најтешко погодена бидејќи и прекините во снабдувањето на Блискиот Исток и руската енергетска забрана ги зголемуваат цените на горивата во целиот континент.
Сијарто изјави дека цените на дизелот во некои европски земји веќе надминуваат 800 форинти (2,10 евра) за литар, а цените на горивата растат и во соседните земји.
Тој истакна дека суспензијата на санкциите, слична на одлуката на САД, ќе помогне во стабилизирањето на цените нагласувајќи дека Унгарија ќе продолжи да го брани својот суверенитет и да ги штити домаќинствата од зголемување на цените. Руската нафта, смета тој, мора да се врати на европскиот пазар за да се ограничи зголемувањето на цените.
март 14, 2026

