Вести
Се одржа првиот состанок на работната група за итни законски измени за посилна заштита на жените жртви на насилство
Со цел зајакнување на системската заштита на жените жртви на насилство и подобрување на законската рамка, денеска се одржа првиот состанок на работната група за следење, анализирање и давање препораки за подобрување на националната легислатива за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за подготовка на итни предлог-измени на законодавството.
Како што соопшти Министерство за социјална политика, демографија и млади, на работната средба присуствувале заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
– Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициските овластувања; Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство; Законот за социјалната заштита; Законот за правда на децата; Законот за бесплатната правна помош; Законот за кривичната постапка; Законот за парничната постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите од кривични дела со насилство – стои во соопштението на Министерството.
Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.
На состанокот било заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи во согласност со утврдените потреби.
Како што наведуваат од Министерството, целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.
Состанокот се одржа во Министерството за социјална политика, демографија и млади во согласност со заклучокот донесен на итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
март 14, 2026

