Connect with us

Свет

Полскиот претседател стави вето на законот за учество на Полска во програмата за вооружување на ЕУ

Полскиот претседател Карол Навроцки одби да го потпише законот за учество на Полска во европскиот Механизам за заедничка набавка на оружје и модернизација на одбранбената индустрија (SAFE), со забелешка дека тоа би можело да го загрози суверенитетот на земјата.

„Одлучив да не го потпишам законот кој претставува удар врз нашиот суверенитет и независност“, рече Навроцки во вонредното обраќање до граѓаните притоа нагласувајќи дека прашањата поврзани со безбедноста, набавката на оружје и модернизацијата на воената индустрија треба да ги решаваат исклучиво полските власти.

Главните забелешки на Навроцки се однесуваат на тоа што средствата од програмата, во рамки на која на Полска ѝ се одобрени околу 44 милијарди евра, се обезбедуваат преку кредит што би се отплаќал повеќе од четири децении. Тој исто така има забелешки на тоа што механизмот предвидува набавка претежно на европско, не и американско оружје.

Навроцки предложи алтернативен модел наречен „Полски SAFE нула проценти“, според кој речиси иста сума средства за идни инвестиции во одбраната би се обезбедиле преку Централната банка на Полска, од државните резерви во злато преку поволни инвестиции.

„Такво решение дава целосна слобода во одлучувањето. Полска сама ќе избира какво оружје купува, од кого, и како ја развива својата воена индустрија“, изјави претседателот.

Експертите, меѓутоа, имаат резерви кон таквиот предлог со забелешки дека Централната банка во минатото генерирала само загуби, а и доколку има евентуалната добивка од таквите инвестиции истата по закон мора да се префрли во државниот буџет.

Програмата „SAFE“ наиде на критики и кај десничарската опозиција, особено од конзервативните националисти од партијата „Право и Правда“ на Јарослав Качински од каде предупредуваат дека Програмта би ја ставила Полска во подредена положба и зависна од германската одбранбена индустрија.

Последните анкети покажуваат дека повеќе од 53 проценти од Полјаците го поддржуваат учеството во Програмата „SAFE“.

Полскиот премиер Доналд Туск го критикуваше ветото на претседателот оценувајќи дека „пропуштил шанса да постапи како патриот“, и најави дека одговорот Владата ќе следи веднаш на вонредна седница.

Владата претходно соопшти дека ветото нема да го загрози учеството на Полска во програмата „SAFE“, туку само можноста преку неа да се обезбедат дополнителни средства за потребите на пограничната стража и полицијата. Инвестициите во вооружувањето, армијата и домашната воена индустрија, според Владата во Варшава, не зависат од тој закон.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4