Connect with us

Општини

Избран сувенир на Куманово, креативно уметничко дело со мотив „Куманово – град на традицијата и единство“

Креативното уметничко дело на авторот Стојан Трајковиќ, со мотив: „Куманово – град на традицијата и единство“, е избрано за „Сувенир на Општина Куманово“ за 2025 година, информираа денеска од општина Куманово. Избраниот сувенир е приспособен за масовно производство, со цел да се користи за промоција на Куманово.

На претходно објавениот Конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово за 2025 година, учествуваа девет автори со свои креации, во кои беа содржани елементи на препознатливост, отсликување на традицијата и културно – историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово.

Куманово неодамна доби сувенирница, сместена во простор на занаетчискиот дом. Таа претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот. Занаетчиите ја користат просторијата каде беше сместена фризерницата „Боро Менков“. Домот на занаетчиите е изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град.

Туристите кои транзитираат во Куманово најмногу купуваат сувенири со обележја на Куманово, информираа претходно од регионалната занаетчиска комора. Од таму велат дека најчесто се продаваат магнети со значајните културно-историски споменици од градот. Локалните занаетчии имаат простор за презентацијата на своите дела. Општина Куманово со неколку мерки ги поддржува занаетчиите кои, пак, придонесуваат за локалниот развој на градот. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 3