Култура
„Дијалог“ ја објави новата поетска книга „Пајажина“ од Раде Силјан
Во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, деновиве од печат излезе новата стихозбирка „Пајажина“ од македонскиот поет Раде Силјан, објавена во рамките на едицијата „Современа македонска поезија“.
Како што информираат од Здружението, книгата содржи 75 песни, со пролог и епилог, распоредени во осум циклуси: „Секојдневие“, „Облаци“, „Ветерница“, „Ткаеж“, „Бдеење“, „Привилегија“, „Прилежни песни“ и „Крајности“.
Рецензент на изданието е Иван Антоновски, којшто истакнува дека „Пајажина“ претставува значаен настан за македонската книжевност автор и на поговорот со наслов „Ново поглавје од поетската историја на нашата стварност“.
Во рецензијата, рецезентот на изданието Иван Антоновски истакнува дека „Пајажина“ претставува значаен настан за македонската книжевност, бидејќи, според него, претставува книжевно наследство за идните поколенија. „Пајажина“, вели, содржи песни од новата творечка фаза на Силјан, каде што се забележува авторската строгост во изборот на песните и настојувањето книгата да има јасен концепт и внатрешна организираност, препознатливи за поетот.
– Оваа стихозбирка не е само продолжение, туку е и нова вредност на посебниот силјановски вид македонска родољубива поезија и треба да биде прочитана од сите што стравуваме дека „Ќе разберат ли потомците / Зошто во животот трнлив / Место факел на векот / Развеавме шарени лаги“ – наведува Антоновски.
Раде Силјан, роден во 1950 година, е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки и добитник на наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е и на државните награди „11 Октомври“ и „Свети Климент Охридски“ за животно дело во областа на уметноста.
март 14, 2026

