Connect with us

Вести

Вицепремиерот Сали на комеморативна церемонија во Украина, ќе оствари и билатерална средба со вицепремиерите Свириденко и Качка

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, денеска престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде што ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.

Тој, како што соопшти МЕП, ќе учествува на комеморативната церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, заедно со украинската вицепремиерка Јулија Свириденко, при што ќе биде изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.

За време на посетата предвидена е билатерална средба и со украинскиот вицепремиер за европска и евро-атлантска интеграција Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.

Од МЕП наведуваат дека во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.

Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.

Како што сооошти Министерството, посетата има цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евро-атлантската перспектива на Украина. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2