Connect with us

Економија

По 13 години пауза, продуктоводот Солун – Скопје подготвен за работа

Продуктоводот, преку кој ќе се транспортира дизел-гориво од Ррфинеријата во Солун до рафинеријата „Окта“ во Скопје, по 13 години, повторно се става во употреба. Министерството за енергетика денеска соопшти дека извршени се сите потребни проверки за функционалност на системот и оти ова е значаен чекор за зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати.

Проверката била спроведена од страна на Бирото за метрологија со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, во присуство и на претставници од Царинската служба.

– Заедно со овластените и стручни лица од Бирото тие ги проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и во согласност со највисоките стандарди – информираа од ресорното Министерство.

Според министерката за енергетика Сања Божиновска, техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.

– Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата – нагласила Божиновска.

Продуктоводот, пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел-гориво.

Станува збор за систем во должина од 213,5 километри. Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA-систем за следење притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2