Connect with us

Вести

Филков: Судскиот совет и СЈО итно да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител за куќниот притвор на Груби

Министерот за правда Игор Филков денеска јавно ги повика сите одговорни за одредувањето мерка куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби нагласувајќи дека одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Додаде дека институционалната контрола мора да функционира и никој не смее да биде изземен од одговорност.

Министерот Филков истакна дека станува збор за лице осомничено за проневера на над осум милиони евра, кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство, кој и се остварил.

– Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата во правниот систем е разнишана. Министерството за правда нема да стои на страна кога јавноста со право бара одговори. Досега, јас како министер за правда, почитувајќи го начелото на поделба на власта, ниеднаш не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е принцип. Тоа е темел на правната држава. Но денес сме сведоци на скандал, кој не смее и не треба да се премолчи. Станува збор за лице осомничено за проневера на над осум милиони евра. Лице што 14 месеци било во бегство. Лице за кое бил утврден ризик од бегство, ризик што се остварил. И за помалку од еден ден таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова не е само процесна одлука. Ова е тест за целиот систем. Одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме – рече министерот на денешната прес-конференција.

Тој побара појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на Обвинителството, Анел Фидоски, и од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски.

– Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување. Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот. Раководителот на Обвинителството, Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице што веќе 14 месеци беше недостапно. Кога станува збор за истрага за проневера на над осум милиони евра, кога постоел ризик од бегство – што и се случи – секоја одлука за олеснување на мерката мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно, се отвора сериозен сомнеж за селективност – посочи министерот.

Тој нагласи дека не може за обичен граѓанин притворот да биде одреден по автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок.

– Не може безбедносни „индиции“ да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана – државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамките на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш тие стандарди мора да важат за сите – изјави Филков.

Министерот ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Додаде дека институционалната контрола мора да функционира и никој не смее да биде изземен од одговорност.

Тој изутринава побарал објаснување од директорот на „Затвор Скопје“ и преку Управата за извршување санкции бил информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција.

– Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице, а тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда, дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во „Затвор Скопје“, како и во другите затвори во Македонија во однос на безбедносната состојба. И дозволете да констатирам нешто што граѓаните одамна го чувствуваат: Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно менуваме регулативи ако тие важат селективно. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на принцип. И јас нема никогаш да молчам кога принципот на еднаквост пред законот ќе биде доведен во прашање – рече министерот Филков. 

Одговарајќи на новинарско прашање дали ова прашање треба да го упати на друга адреса откога Обвинителствто информира дека процените на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) имале клучна улога во одредувањето мерка куќен притвор, тој нагласи дека јавно упатува прашање до сите.

– Еве јавно ги упатувам до сите – нагласи Филков – и додаде дека не префрла одговорност никому, туку само ги констатира состојбите и ги артикулира мошне гласно.

На прашањето дали има конфликт меѓу Министерството за правда и МВР, Филков одговори дека не гледа каде би имало конфликт. 

Груби вчера доби мерка 30-дневен куќен притвор со 24-часовен надзор по одлука на судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Тој е осомничен за проневера во „Државната лотарија“, при што заедно со Перпарим Бајрами се сомничи за криминал од осум милиони евра преку нарачка на ВЛТ-апарати. Груби вчера беше уапсен на граничниот премин Блаце.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2