Вести
Артан Груби уапсен на граничниот премин Блаце
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби утрово е лишен од слобода на граничниот премин Блаце, соопшти Министерство за внатрешни работи.
Според МВР, утрово при влез во државата, Груби, за кого била активна мерката „апси“, бил приведен и задржан за натамошна постапка.
– Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Груби, кој беше прв вицепремиер во владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба поврзана со работењето на Државна лотарија. Во предметот е осомничен заедно со Перпарим Бајрами, а според наводите, станува збор за криминал тежок околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Ревизорските наоди, исто така, посочиле на над 180 милиони денари, односно близу три милиони евра, спорна, невалидна или неуредна документација во работењето на Лотарија.
Груби, од 9 декември 2024 година се наоѓа и на „црната листа“ на Стејт департментот на САД поради, како што е наведено, „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси“.
февруари 23, 2026

