Connect with us

Општини

Гевгелиски двор трета година по ред е втор дом на два згрижени штрка

Роза ШУЛЕВА

Два припитомени штрка, кои поради повреди на крилата се издвоени од својот вид, и не можат повеќе да се вратат во природната средина, го делат урбаното секојдневие со гевгелиските жители.

Овие припадници на видот бел штрк, нашле прибежиште, искрена љубов и грижа кај Ленче Алексовска, која, по нивната повреда, се грижи за нив во изминатите две години. Првото штрк – милениче на Ленче, Мишко, таа го вдомила од моментот кога како беспомошно новороденче бил исфрлен од гнездото поради тоа што ги немал истите способности како останатите, но, за жал, оваа зима го изгубила омилениот штрк за кој три години безрезервно се грижела.

– Мишко од малечок го изгледав, тој остана без око, но можеше да лета. Беше целосно припитомен и слободен кога сака да си замине, па сепак остана три години со нас, но оваа зима исчезна. Можам само да претпоставам дека удрил во некоја електрична жица од далновод, или пак дека е погоден од залутан куршум, или можеби заминал поради достигнувањето на возраста кога штрковите стануваат полово зрели, а тоа е некаде околу третата година. Сега останаа само двата штрка, едниот ми го донесоа од Миравци со едно скршено крило, но деца со велосипеди му го скршија и здравото крило, така што остана инвалид, а другиот е најден со гангренозно крило и исто така не може да лета, објаснува Ленче.

Сега таа секојдневно се грижи за двата преостанати штрка, вели дека немаат проблем со студот и постојано се надвор пред куќата каде може да ги види секој минувач, а кон крајот на денот таа ја отвора вратата од дворот и тие се научени сами да влезат и да преноќат под нејзина заштита. Ги храни по два пати во денот, со риба и месо, и затоа вели дека грижата за нив не е едноставна работа.

– Грижата чини и пари, бидејќи леб не се дава на овие птици за исхрана, затоа треба секогаш да набавам риба или месо, а за жал кај нас нема згрижувалишта за повредени животни како во други држави. Во Полска и Чешка, на пример, има развиени центри, каде штрковите, како и други повредени животни, се соодветно згрижени, а кај нас, за жал, има само планови на хартија по институции, но далеку сме од тоа, вели Ленче.

Д-р Методија Велевски, биолог – орнитолог и заменик – директор на Македонското еколошко друштво, смета дека проблемот со повредени животни од било кој вид, чија природна средина е доста поразлична од онаа во која живее човекот, е посложен проблем кој бара стручност и вклучување на институции и лица кои се специјализирани за одредена област.

-Институционален проблем е што немаме специјализирана установа за згрижување на вакви птици и воопшто на диви животни. Ние мислејќи дека помагаме, во многу случаи може и да одмагаме, доколку не можеме да понудиме стручна помош. Проблем се првите денови, до недела – две, од кога ќе го пронајдеме напуштеното или повредено животно, на кое може да му треба специјализиран ветеринар, а тука го немаме. Штрковите конкретно, често страдаат од електрични доводи, од удари во објекти, и бидејќи кога се гнездат се близу до луѓето, природно е човекот да им помага. Мислам дека во секое село има барем по еден ваков случај, смета Велевски.

Повредените животни не смеат да се носат ни во зоолошките градини, вели Велевски, бидејќи може да се преносители на вируси и со тоа да ги загрозат останатите жители.

– Државата има разработена физибилити студија за специјализиран објект за згрижување на диви животни, но прескапо е наеднаш да се реализира сето тоа. Во соседството имаме вакви примери, Бугарија има спасувачки центар за диви животни, додава Велевски.

Според податоците од МЕД од последниот направен попис на штркови во 2024 година, евидентирани се вкупно 1765 гнезда на штркови, од кои 1388 активни и 389 неактивни гнезда – односно гнезда во кои не се извеле млади, служеле само за спиење на штрковите, или имало само една возрасна птица. Вкупниот број на изведени штркчиња изнесува 3,934, а ова пребројување МЕД го спроведе во рамки на осмиот Европски цензус на штркови кој што се прави на секои 10 години и во Македонија првпат се спроведе во 2014 година

Маркетинг
Ad 4
Ad 1