Connect with us

Регион

Министерството за култура на Грција потврди дека се автентични фотографиите ставени на продажба на „eBay“ од егзекуцијата на 200 Грци

Макроскопскиот преглед, извршен од искусни службеници на Министерството за култура и независни експерти, ја потврди автентичноста на материјалот, информираше министерката за култура на Грција Лина Мендони во однос на фотографиите од егзекуцијата на 200 Грци во Втората светска војна, што пред една седмица беа ставени на продажба на онлајн платформата за купување и продавање „eBay“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мендони додаде дека веќе е потпишан прелиминарен договор со колекционерот Тим Де Кране од Белгија, откако претставници на Министерството денеска се сретнаа со него во општинската зграда на белгискиот град Евергем.

Станува збор за досега необјавени фотографии од последните моменти пред егзекуцијата на 200 Грци политички затвореници на стрелиштето во атинската населба Кесаријани од нацистичките окупаторски сили на 1 Мај 1944 година, а фотографиите се дел од колекцијата на германскиот офицер Херман Хојер направени за време на неговата служба во Грција (1943 – 1944).

– Делегацијата ја разгледа целокупната колекција Хојер, која се состои од 262 фотографии направени во Грција за време на неговата служба во периодот 1943 – 1944 година, како и од одредени печатени материјали што тој ги вклучил во неа. Макроскопскиот преглед, извршен од искусни службеници на Министерството за култура и независни експерти, ја потврди автентичноста на материјалот. Потпишан е прелиминарен договор меѓу Министерството за култура и колекционерот, а колекцијата е повлечена од интернет-страницата за аукции, рече министерката за култура на Грција.

Фотографиите во изминатите денови се една од главните теми во Грција, веќе се идентификувани некои од мажите на сликите, а коментарите се дека станува збор за редок историски документ што за првпат се објавува по 82 години.

Егзекуцијата во Кесаријани е меѓу најголемите злосторства извршени од нацистичките окупаторски сили во Грција, поголемиот дел од убиените биле политички затвореници, а повеќето биле членови на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) и на Националноослободителен фронт (ЕАМ).

Биле префрлени од концентрационен логор, а масовното стрелање на 200 лица било извршено на Денот на трудот како одмазда за заседата и убиството на германскиот генерал-мајор Франц Крех на Пелопонез на 27 април 1944 година. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1