Регион
Вучиќ со порака од Индија: Србија е решена да биде дел од четвртата индустриска револуција
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој учествува на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, нагласи дека Србија е решена да биде дел од четвртата индустриска револуција.
„Вложивме значителни средства во дигитална инфраструктура, центри за податоци и суперкомпјутери, а денес развиваме свои, суверени модели на вештачка интелигенција, во служба на граѓаните и економијата“, напиша Вучиќ на „Инстаграм“.
Тој додаде дека „дигиталната трансформација и вештачката интелигенција не се само технологија, тие се иднината на Србија“.
Во интервју за „Си-ен-ен Индија“ тој изјави дека верува оти моќта на глобалниот Југ предводен од Индија и премиерот Нарендра Моди расте и истакна дека стратешката автономија на Индија е пристап кон надворешната политика, што заслужува почит од големите сили.
На прашање дали гледа корист од водење стратешки автономна надворешна политика, како што прават Индија и Србија, Вучиќ рече дека овој пристап обезбедува почит од големите сили.
„Зборувајќи за стратешка автономија и фактот дека многу големи сили нема да ве сакаат поради тоа – ќе добиете нешто што другите го немаат. Тоа е почитта што ќе ја добиете од сите нив. Гледате, Америка зборуваше против оваа политика на Индија. Но, по еден месец, Трамп се обидуваше да постигне договор со Нарендра Моди колку што сакаше Индија, веројатно дури и повеќе. Исто е и со Русите. Исто е, на крајот на краиштата, и со Европејците“, рече Вучиќ.
На прашањето дали мисли дека државите што не сакаат да изберат страна денес страдаат од организиран притисок, Вучиќ одговори дека секогаш ќе биде така.
„Тоа секогаш ќе биде така. Но, верувам дека силата на глобалниот Југ, што главно го предводат Нарендра Моди и Индија, расте сè повеќе. Не се плашиме отворено да ги изразиме нашите политички ставови, да се бориме за нашата политичка позиција, да дејствуваме во согласност со меѓународното јавно право, во согласност со Повелбата и резолуциите на ОН, што не е случај со многу други“, рече Вучиќ.
февруари 19, 2026

