Вести
Почна рамазанскиот пост
Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа рамазанскиот пост, што трае 29 дена и завршува на 20 март. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.
Според исламската религија, рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови, е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и за работниците што вршат тешка физичка работа.
По рамазанскиот пост, на 20 март е Рамазан-бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар.
Првиот ден од Рамазан-бајрам е државен празник и 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.
Во пресрет на рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, испрати порака во која истакна дека рамазан е месец во кој срцата стануваат почувствителни, совеста поостра, а врската со Алах подлабока.
– Рамазан доаѓа како повик кон внатрешен мир и кон преуредување на нашиот живот за она што е суштинско. Целта на постот е богобојазливоста. Богобојазливоста е постојана свесност за Алах, која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Таа е морална совест, која го одржува човекот исправен и кога е сам и одговорен и кога никој не го гледа. Рамазан е школа на дисциплина и карактер. Кога се воздржуваме од храна и пијалак – нешта што се дозволени – ја воспитуваме нашата волја и ја зацврстуваме самоконтролата за да можеме да се воздржиме и од забранетото. Оваа самоконтрола мора да се прошири и надвор од физичкиот аспект. Таа треба да го опфати нашиот јазик, однесувањето и меѓучовечките односи – вели тој во пораката.
Фетаи посочува дека во овој месец не е доволно верниците да се оддалечат само од храната, туку треба да се оддалечат и од раздор, клевета и горделивост.
– Постот има цел трансформација на карактерот. Не е доволно да се пости со стомакот, треба да замолчи и злото во нас. Не е доволно да се оддалечиме од храната, треба да се оддалечиме од раздор, клевета и горделивост. Преку постот учиме благодарност за благодатите што често ги земаме здраво за готово, стануваме почувствителни кон состојбата на оние што се во потреба и ја зајакнуваме меѓусебната одговорност. Дарежливоста, милоста и помошта кон оние што имаат потреба се конкретен израз на верата и на постот – вели поглаварот на ИВЗ.
Во пораката порачува овој рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас.
– Да го почнеме овој рамазан со решителност за вистинска промена. Да го искористиме овој месец за помирување со Алах преку искрено покајание и за помирување меѓу нас преку простување и разбирање. Искреноста нека биде темел на секое дело, а одговорноста критериум на секоја одлука. Го молиме возвишениот Алах овој рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас. Нашите срца да се ослободат од секој непотребен товар. Нашите семејства да се исполнат со мир и разбирање. Нашата заедница да се зацврсти во единство и институционална одговорност. Нашата татковина да биде благословена со мир, правда и стабилност. По повод почетокот на благословениот месец рамазан, имам чест и задоволство, во име на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија и сите нејзини институции, како и во мое лично име, од срце да им посакам на нашите верници во татковината и во дијаспората благословен рамазан, лесен и прифатен пост и месец што ќе остави длабоки траги во нашата душа, во карактерот и во животот приближувајќи нè повеќе кон Алах и обединувајќи нè посилно во добрина, правда и одговорност. Нека ни е за добрина доаѓањето на месецот рамазан. Алах нека ве благослови – вели во пораката поглаварот на ИВЗ, Фетаи
февруари 19, 2026

