Connect with us

Регион

Тирана домаќин на министерскиот состанок за Коридорот 8

Тирана денеска е домаќин на министерски состанок и економски форум за транспортниот Коридор 8 – инфраструктурен проект што го поврзува Јадранското со Црното Море преку Албанија, Република Северна Македонија и Бугарија, протегајќи се до Италија и Романија. Паневропскиот транспортен Коридор 8 е клучна компонента на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T).

– Коридорот 8 не е само инвестиција. Тој е стратешка неопходност – порача албанската министерка за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали, на отворањето на состанокот.

На главната сесија присуствуваат вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Павлов, и амбасадорот на Романија во Албанија, Октавијан Шербан.

– Чест ми е  што денеска сте тука, на состанок кој не е само за линија на карта, туку за обликот на иднината на нашиот регион. Коридорот 8 е исчезнатата врска исток-запад на јужен Балкан. Тој ги поврзува Јадранското со Црното Море, пазарите и нашиот регион со срцето на Европа. Пред две илјади години Виа Игнација го постигна токму ова: ги поврза пристаништата, градовите и луѓето во истиот географски простор. Денеска, ние не измислуваме нешто ново. Ние, едноставно, ја завршуваме задачата што историјата веќе ни ја поставила: да го направиме овој дел од Европа навистина меѓусебно поврзан – рече Спиропали, објави АТА.

Бидејќи поврзаноста, додаде таа, не е само асфалт и железници, туку поврзаноста „значи можност, одржливост, а во денешна Европа тоа значи и безбедност“.

Според неа „низ целата земја Коридорот е во центарот на албанската национална транспортна стратегија“ и дека „Албанија станува еден од најсигурните јазли на овој проект“.

– Имаме портфолио од приоритетни проекти во вредност од над две милијарди евра и повеќето од нив се веќе подготвени за имплементација. Во железничкиот сектор линијата Драч – Рогожина напредува со европско финансирање. Почнати се инженерските работи за следниот сегмент кон Поградец. Во меѓувреме, новата железничка линија што ги поврзува Тирана со Драч и аеродромот е во завршна фаза на изградба. Во патниот сектор главните сегменти од пристаништето до источната граница се во изградба или се во напредна подготвителна фаза. Во енергетскиот сектор 400-киловолтната интерконекција со Северна Македонија, која ја следи трасата на Коридорот, е при крај. Значи, западната порта на Коридорот 8 повеќе не е идеја. Тоа е пакет-конкретни проекти на терен, со финансирање, договори и дефинирани рокови – рече таа.

Спиропали исто така се фокусира на важноста на Коридорот 8 како стратешка предност за европската интероперабилност и безбедност, на потребата од вклучување на сите сегменти од Коридорот во рамките на европската транспортна мрежа, нагласувајќи дека следната фаза од проектот треба да биде попрактична за да се направи Коридорот 8 функционална европска артерија.

– Ни требаат синхронизирани временски рамки меѓу земјите. Ни требаат интероперабилни технички стандарди. Ни требаат побрзи гранични процедури. И ни треба координирано финансирање од европски инструменти и меѓународни финансиски институции. Коридорот 8 исто така е еден од најконкретните начини за приближување на нашиот регион до Европската Унија. Ги скратува растојанијата. Ги намалува трошоците. Ги поврзува бизнисите, работната сила и пазарите. И ја претвора географијата во можност. За нашиот регион, ова не е само транспортен проект. Тоа е една политичка изјава. Покажува дека Јадранското и Црното Море не се работ на Европа, туку нејзини порти – заклучи Спиропали.

Министерскиот состанок „Коридорот 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“, продолжува со работа во четири панели. На првите два учесниците ќе известуваат за политичката визија за европскиот приоритет за економски развој и Коридорот 8 како катализатор за одржлива поврзаност и зелен раст.

Вториот панел е посветен на геополитичката димензија на Коридорот 8, а последниот панел ќе биде за финансирањето на овој Коридор. 

Минатата недела, албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, и албанскиот премиер Еди Рама потврдија дека транспортниот Коридор 8 од Албанија до Црното Море ќе биде вклучен во плановите на НАТО и критичната инфраструктура, како и дека ќе биде признаен како безбедносен коридор за колективна одбрана, што ќе ја зајакне регионалната безбедност.

Коридорот 8 е интермодален по природа и вклучува автопати, патишта, пристаништа, железници, аеродроми, цевководи, оптички кабли, фериботски врски, комбинирани и интермодални транспортни инфраструктури, како и објекти за управување со сообраќајот по должината на трасата. Вкупната должина на Паневропскиот транспортен коридор 8 варира помеѓу 1220 и 1350 километри.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1