Скопје
Отворено ново кино во Драчево
Во Домот на културата во Драчево синоќа е отворено ново кино. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на општина Кисела Вода.
-Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.
На отворањето на киното се одржа проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево, информира општинската прес-служба.
На редовниот репертоар во новото кино во Драчево од утре се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“.
февруари 18, 2026

