Регион
Бугарската претседателка со укази ќе ја назначи привремената влада и ќе закаже избори за 19 април
Претседателката Илијана Јотова објави дека денеска ќе издаде укази за назначување привремена влада и за закажување на изборите за 19 април. Таа ова го најави откога кандидатот за привремен премиер, Андреј Ѓуров, го претстави составот на техничката влада.
„Ќе издадам указ за назначување на вашиот привремен кабинет и ќе ја чекам вашата заклетва пред Народното собрание. Исто така, ќе издадам указ за одржување парламентарни избори на 19 април“, рече Илијана Јотова, пренесе БТА.
Новото изјаснување на бугарските граѓани на 19 април ќе биде осмо од 2021 година.
По протестите на крајот од минатата година, владата со премиерот Росен Жељазков поднесе оставка, а Румен Радев (претседател во периодот 2017 – 2026) одржа консултации со составите во парламентот.
На почетокот на оваа година Радев предаде три мандати за формирање влада – на ГЕРБ – СДФ, Промените продолжуваат – Демократска Бугарија и Алијанса за права и слободи, но сите три беа веднаш вратени неисполнети, што стави до знаење дека ќе има предвремени парламентарни избори.
На 12 февруари Илијана Јотова го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, Андреј Ѓуров, за вршител на должноста премиер и му ја довери задачата да предложи влада.
Според Законот за Бугарската народна банка, ако гувернерот или заменик-гувернерот изразил експлицитна согласност да биде назначен за вршител на должноста премиер, тој поднесува оставка.
февруари 18, 2026

