Connect with us

Скопје

Скопје се етаблира како Европска културна метропола

Скопје во октомври 2026 година ќе стане главна европска сцена на танцот. Од 21 до 29 октомври, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи Европското првенство во модерен, џез и класичен балет – еден од најпрестижните и најмасовни танцови настани на континентот, со учество на повеќе од 3.500 танчери од над 30 европски држави.

Станува збор за деветдневен спектакл кој ќе ја донесе европската балетска и џез елита во Македонија, позиционирајќи го Скопје како центар на културните случувања во регионот. Домаќин и организатор на првенството е студиото „Брејк А Лег“, кое најавува богата програма со натпревари во повеќе дисциплини, придружни културни содржини и промотивни активности.

Првенството ќе се реализира под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, со јасна порака за спој на современиот европски танц и македонскиот културен идентитет.

Во рамки на најавната кампања веќе се објавени и официјалните промотивни видеа. Во првото видео настапува Стефанија Гаштарска – првата македонска балерина што настапила на сцената на легендарниот Болшој театар во Москва. Режијата е на Ненад Смиљковиќ, со оригинална музика на композиторот Александар Јовевски, додека визуелниот концепт вклучува фолклорни елементи што ја претставуваат македонската традиција во современ контекст.

Организаторите очекуваат присуство на бројни странски гости, тренери, кореографи и љубители на танцот, што ќе донесе значаен туристички и културен бенефит за државата. Целта на првенството е не само спортска и уметничка, туку и стратешка – да ја позиционира Македонија како релевантен фактор на европската културна сцена.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2