Connect with us

Скопје

Дебармаалски средби и серенади – традицијата продолжува, испратена порака за љубов и мир

Со традиционална македонска музика, закројување лозово гранче и испраќање порака за мир во реката Вардар денеска почнаа 24. Дебармаалски средби и серенади, посветени на воспевање на виното и љубовта, по повод Св. Трипун и Св. Валентин.

Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, а ќе продолжи во Градскиот парк, кај споменикот „Гоце Делчев“, каде што ќе биде положена заклетва дека оваа традиција ќе биде негувана и чувана. Потоа учесниците ќе се соберат на „Боемска улица“, каде што ќе пијат топло вино и од таму ќе се упатат на улицата Костурски херои, каде што под балкон ќе пеат серенади, а жена од вториот кат на зградата ќе им пушта цвеќиња, бонбони и парички, но и ќе ги прска со вода, во согласност со традицијата. Паричките ќе бидат за оние што бргу ќе се омажат или оженат, а цвеќињата и бонбоните за оние што ќе се заљубат сега или подоцна. Оние, пак, што ќе бидат испрскани со вода значи дека ќе треба да формираат семејство.

Предвидено е потоа да се продолжи кон фурната „Силбо“, каде што ќе се крши и дели погача.

И годинава домаќин и покровител на Дебармаалски средби и серенади е Општина Центар, а организатор е здружението „Гороцвет“. 

– Испративме порака за мир до сите луѓе во светот и до најодговорните за поубав и посреќен живот. Во текот на манифестацијата учесниците ќе добијат и по една моја слика, „Цвеќе на мирот“, со порака дека треба да има леб за сите луѓе, и кај нас и во светот. Сакаме лозарите и винарите да имаат добар род, нашето вино да се продава во светот за да се разбере вистината за Македонија – изјави уметникот, сликар и хуманист, Живко Поповски-Цветин.

Според градоначалникот Горан Герасимовски, кој присуствуваше на манифестацијата, љубовта, традицијата и боемскиот дух живеат во Дебар Маало.

– Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации – рече Герасимовски. Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало – изјави Герасимовски.

Првпат годинава кон манифестацијата се приклучи и Здружението на пензиоерите на општина Центар

Маркетинг
Ad 2
Ad 3