Connect with us

Вести

Стручна расправа за предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите денеска во МАНУ организираат научно-стручна расправа по Предлог Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Предлог Законот е објавен на ЕНЕР на 2 јануари 2026 година. Текстот на Предлог Законот е достапен на следнава страница: (https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=114839).

Од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија информираат дека станува збор за особено значаен закон. Предлог измените на актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители следат по препораките за законски измени дадени од страна на Оценската мисија на ЕУ, како и анализата спроведена во 2025 година во рамки на проектот EU Support for Rule of Law. Предлог новиот Закон треба да ги отстрани недоследностите и слабостите на постоечкиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители.

На расправата се очекува да учествуваат истакнати претставници на академската заедница, правосудните институции и стручната јавност. Како што најавуваат организаторите, на научно-стручната расправа ќе се обратат академик Владо Камбовски од Центар за стратешки истражувања при МАНУ, Ирина Трајкоска Стрезоски, директор на Академија за судии и јавни обвинители, Калина Цакова, претставник од ЕУ поддршка за владеење на право, Боро Илкоски, претставник од ЕУ поддршка за владеење на право и претставници од Министерството за правда, од Судски совет, од Совет на јавни обвинители, од Здружението на судиите, од Здружението на јавни обвинители и од невладиниот сектор.

Од научно-стручната расправа се очекува да произлезат заклучоци кои ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на Предлог Законот.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2