Connect with us

Вести

На 18 февруари јавна расправа за предлог-законот за високи раководители во органите на државната управа

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница донесе одлука за одржување јавна расправа по работната верзија на предлог-законот за високи раководители во органите на државната управа и фондовите.

Јавната расправа, како што рече претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, ќе се одржи на 18 февруари во 12 часот. Според него, се работи за еден од законите, кои се дел од реформската агенда, а јавната администрација честопати е цел на критика од Европската комисија и народот.

– Со ова законско решение се утврдуваат критериумите и начинот на кој високите раководители во државната управа ќе бидат избирани, како и начинот на кој ќе работат, што е многу важен закон – истакна Пренџов.

Комисијата на денешната седница го усвои и годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2024 година. Во однос на годишниот извештај, претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, посочи дека се дадени детаљни податоци за работата, распоредени според законските надлежности. Докуменот, нагласи тој, претставува детаљна слика за работата на Комисијата во посочениот период. Содржи одредени заклучни согледувања и препораки за подобрување на работата на Комисијата, како и законските недостатоци.

За пратеничката Весна Ѓорѓиева од ВМРО-ДПМНЕ, извештајот е сигнал, но и предупредување дека без јасни критетиуми за резултат, без мерење ефект не само на активностите, и без поголема институционална храброст, секој следен извештај ќе личи на претходниот, а корупцијата, вели, ќе остане постојана тема, без постојано решение.

– Собранието има обврска, критички, а не протоколарно, да го разгледа извештајот за 2024 година и да испрати јасна порака дека од ДКСК се очекува повеќе од констатации. Се очекуваат резултати – рече Ѓорѓиева. 

Според неа, борбата против корупцијата не се добива со дебели извештаи, туку со тенка линија меѓу анализата и дејствувањето. 

– Суштинско прашање е дали овој обемен извештај нуди и обемни резултати. Според извештајот во 2024 година, ДКСК постапува по голем број пријави, преставки, иницијативи. Отворила предмети по разни основи и испратила значителен број дописи и препораки до други институции. Но, извештајот јасно покажува и нешто друго. Повеќето од активностите завршуваат со констатации и укажувања, а не со конечни институционални исходи – истакна Ѓорѓиева.

Таа заклучи дека ДКСК не е формирана да биде хроничар на проблемите, туку инстумент за нивно решевање.

Пратениците од опозицијата не учествуваа во расправата за годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2024 година

Маркетинг
Ad 4
Ad 3