Вести
ССМ ја поднесе иницијативата за намалување на платите на пратениците и другите избрани и именувани лица
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во 11 часот до Собранието и до сите пратенички групи поднесе Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, барајќи итно и неодложно постапување.
Иницијативата е поднесена врз основа на одлука на Претседателството на ССМ од 3 февруари 2026 година и член 71 од Уставот, а со неа се предлага основицата за пресметување на платите на пратениците и функционерите да биде минималната плата во државата, наместо просечната плата, како и намалување на постојните коефициенти за пресметка на платите и надоместоците за 40 проценти.
Со предложените измени, ССМ бара членот 11 од законот да се промени и да гласи дека основица за пресметување на платите на пратениците и другите избрани и именувани лица ќе биде минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика.
Во образложението, од ССМ наведуваат дека ваквото законско решение се темели на принципите на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, содржани во Уставот, како и во меѓународните трудови стандарди и документи за човекови права. Според синдикатот, доколку минималната плата, според анализите на Владата и на работодавачите, е доволна за задоволување на основните потреби на граѓаните, тогаш таа треба да биде појдовна основа и за платите на функционерите.
ССМ потсетува дека во 2023 година заедно со Владата го потпишале Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој како основица за платите беше предвидена просечната плата, по примерот на законското решение за платите на функционерите. Сепак, како што наведуваат, Владата не го почитувала договорот и не ги уредила платите на вработените во јавниот сектор согласно преземените обврски.
Поради тоа, од ССМ сметаат дека е неопходно истиот принцип да се примени и за платите на функционерите, односно нивните примања да се пресметуваат врз основа на минималната плата, со што, како што наведуваат, би се воспоставил еднаков третман за сите граѓани и работници во државата.
Иницијативата е доставена до надлежните предлагачи во Собранието, од кои ССМ очекува итно разгледување и постапување.
февруари 4, 2026

