Connect with us

Вести

Слово за Прличев на Братислав Ташковски: Слово за бесмртниот и првовенчан македонски поет

Лауреатот на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година, Братислав Ташковски, напиша слово за Прличев: „Единствениот!, Слово за Прличев, Слово за бесмртниот и првовенчант македонски поет на своето време“.

Единствениот!

Слово за Прличев,

Слово за единствениот, бесмртниот и првовенчан македонски поет на своето време

Ако денес бараме компарација со неговото име во нашата тогашна поезија, можеме да кажеме дека тој не се издвојува со ништо од никого. Едноставно и дефиниивно – затоа што Прличев е единствениот и неповторливиот поет на тоа наше време. (Во смисла на организација на стиховите со специфичен говор и звучно оформување на песната. Значи, станува збор за мајсторска версификација и метрички систем, кои тогаш во таков обем не постоеле во нашата поезија.)

Во таа литературна сиромаштија и духовен терор од неправилности во јазичната форма, во тоа тешко македонско бреме, Прличев го достигнал највисокото што може да го посака еден поет: Ги зачувал својата грандиозност и духовната големина и направил гигантско дело за својата епоха. Изградил сопствен поетски израз и растурајќи ги политичките и црковните догми на своето време, создал сопстевен мит кој нас како негови наследници нè крепи толку години.

Еден голем маркантен именител за човекот Григор Прличев, покрај неприкосновениот поетски гениј, секако е и светата самотија, која го следи од најраните години, па сè до неговата смрт. Овде мислам на онаа творечка самотија, која е креативна карактеристика само на големите и избрани од Бога поети. Таа самотија создава големи дела и зрачи отпор кон сите неправди,

Кога денес во вредносна смисла го споредуваме творечкото време на Прличев со она актуелното во тогашната Европа, би било добро да споменеме некои од големите пандани на неговото поетско дело. Тоа е времето кога во Франција во најголема експанзија е поетското движење, „Парнас а Леконт де Лил“ ги објавува „Античките поеми“, а во истата година кога Прличев го пишува „Сердарот“, легендарниот Бодлер ја пишува вонвременската песна „Албатрос“. Тое е времето наречено златен век на руската поезија.

И замислете во еден таков распоред на големини, тука кај нас во турската провинција Македонија, непознатиот Прличев го создава „Сердарот“. Врвно дело со лирско-епски карактер, историско-јуначка песна, балада која до темел ги затресува атинските салонски поетски кругови, пред нос им го зема лаворовиот венец за најдобра поема.

Е во таков спој на хипокризија и мрак опкружен со туѓи јазични медиуми, единствениот Прличев мечтаел за слобода, народен јазик и слободна црква, борејќи се против темнотијата и џганот во Империјата. Во тоа тмурно постоење тој бил нашиот единствен сердар, кој се бунтувал сонувајќи заедништво на сите словенски народи и победа над сите тешки небиднини.

Поетот Прличев никогаш не се плашел дека Хомеровото влијание ќе го исфрли на погрепшен пат. Тој својата авторска идентификација ја втемелил на активното познавање неколку јазици (бил полиглот, но имал еден дом), но мотивите и вдахновението секогаш му биле од својата земја, во својот народен јазик и светата охридска татковина. Тој секогаш бил судбински поврзан за таа силна тријада. Неговиот збор и неговата мечта се предизвици што денес се остварени.

За крај на ова Слово за единствениот, еве неколку стихови од неговата песна „Охридскиот џган“:

…Јас сум сепак оној беден пријател на вистината

и потоа непријател бескомпромисен

на измамата и лошотијата…

Авторот е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година

Традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ почнува утре со изложба на ликовни дела од колекцијата на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон. Централниот настан во рамките на беседите е врачувањето на наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташкоски, кој оваа година победи на конкурсот за најдобра поема со својот авторски труд „Темна кутија“. На собирот ќе биде презентирана наградената поема, а ќе има и обраќања на лауреатот, како и на претставници на Општина Охрид.

„Прличевите беседи“ се утврдени пред шест децении како манифестација со која се одбележува годишнината од смртта на големиот поет, кој се упокои на 4 февруари пред 133 години. Прличев пред еден и пол век беше овенчан со лаворов венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3