Вести
Зафировски: Новиот предлог-закон за заштита од пушење е еден од најдобрите и во интерес на нашите граѓани
Новиот предлог-закон за заштита од пушење е еден од најдобрите закони што директно го засегаат здравјето на сите наши граѓани. Да ја заштиме повозрасната популација, но и она што е најбитно – и најмладите н- изјави денеска проф. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје.
Според статистиката, како што истакна, границата за консумирањето тутун веќе е падната на 12 до 14 години и сè повеќе млади деца почнуваат со користење тутун.
– Она што е пострашно е што сè повеќе во мода се електронските цигари. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата. Даваме поддршка затоа што ова не е казна, туку сакаме директно да ги заштитиме како помладите така и возрасните луѓе бидејќи една од основните причини за појава на белодробен карционом е никотин, односно пушење цигари, рече Зафировски.
Одговорајќи на новинарско прашање за откажување од пушење, Зафировски рече дека на клиниката имаат психолог и цел дел кој работи за одвикнување од никотинска зависност.
– Иако нашиот психолог е врвно едуциран за тоа, луѓето доаѓаат, но многу мал број ја завршуваат цела сеанса за да дојдеме до конечно откажување од зависноста од никотин. Ние пак ќе останеме посветени и ќе почнеме да работиме и со помладите. Ќе имаме еден проект со средните училишта и со осмолетките за да почнеме во почеток, да знаеме колку значи тоа зависност од пушење, вели Зафировски. Додаде дека кај нив на клиниката најмладите што дошле се мал број, но потоа тешко сакаат да доаѓаат и да прифатат да го поминат цел третман за одвикнување од пушење.
Директорот Зафировски посочи дека мора и медиумите да направат кампања во која, како што рече, ќе објасниме што значи рано почнување со зависност од никотин, односно пушење цигари, кое е многу штетно.
– Не само белите дробови, оштетени се и срцето и сите останати системи. Затоа велиме дека ова е еден од најдобрите закони кои сакаме и да се спроведува. Се во интерес на нашите граѓани, изјави Зафировски.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија рече дека сакаат во наставата да има барем еден час во неделата за да се дискутира за се она што е проблем, што е лошо по нивното здравје и младите да разберат дека најдобро е да ги остават цигарите.
– Доста е. Престанете. Има надеж. Оставете ги цигарите и навистина ќе видите колку ќе биде подобро, порача Зафировски.
февруари 3, 2026

