Connect with us

Вести

Камбовски за случајот со казнетата новинарка Вејсели: Постапка е сè уште во тек, Судскиот совет ќе интервенира ако процени дека е потребно

Постапка е сè уште во тек и во моментот кога Судскиот совет ќе процени дека треба да интервенира, ќе го направи тоа – изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во врска со случајот со новинарката Љиридона Вејсели од Тетово, која беше казнета со 700 евра за кривично дело злоупотреба на лични податоци бидејќи во новинарска тема објавила име на судија од Основниот суд во Тетово.

Таа е казнета со пресуда на судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар зашто го спомнала судијата Иљази во тема што ја обработувала во врска со кривично дело. 

– Судскиот совет ја следи работата на сите судови во државата, ја следи вклучително и работата на конкретниот суд и на конкретниот судија. Таму станува збор за постапка која е сè уште во тек. Значи, не е завршена постапка. Ние следиме и во оној момент кога Судскиот совет ќе процени дека треба да интервенира, ќе го направи тоа – изјави Камбовски одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“.

Во писменото образложение на пресудата од судијката Мишоска стои дека Вејсели е казнета за кривичното дело злоупотреба на лични податоци затоа што на 28 октомври 2024 година, без согласност на судијата Назиф Илијази, од своите профили на „Тик-ток“ и на „Инстаграм“ објавила видеа во кои ги користела неговите лични податоци, име и презиме, со што му наштетила на неговата чест и углед и на неговата професионална дејност, која ја извршува повеќе од 37 години во Основниот суд во Тетово. 

Новинарката Вејсели поднела жалба во Апелацискиот суд. За МИА таа пред два дена изјави дека пресудата е срамен преседан.

– Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш оваа држава не ја штити демократијата, туку молкот – изјави Вејсели. 

За овој случај викендов реакции имаше и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, која во соопштение наведе дека изразува сериозна загриженост оценувајќи дека „ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи“. 

И премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање го осуди „ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот“. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 3