Connect with us

Вести

Камбовски: Судски совет разгледува предмети во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска, во изјава за медиумите, истакна дека Советот веќе извршил контрола на дел од предметите во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов против кого е поведена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело.

– Судскиот совет во рамките на планот на својата работа ќе има проверки во Апелацискиот суд не само за конкретниот судија што го споменавте туку за работата на сите судии. Беше извршена контрола на некои од предметите во кои постапувал судијата што го споменавте, но во моментот немам податоци да ви изнесам во смисла дали е детектиран некој пропуст или не бидејќи комисијата сè уште ги разгледува предметите. Да, да. Конкретни предмети беа посочени во оваа претставка – рече Камбовски по конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“.

Тој информира дека Судскиот совет разгледува шест или седум предмети во кои постапувал судијата Ристов. Очекува неделава да е готов извештајот од комисијата, која ја врши проверката на овие предмети.

– Па не беа многу, шест или седум предмети. Претставката ја водевме како анонимна. Беше потпишана од група вработени, стручни соработници и советници на Апелацискиот суд Скопје, без потпис, без имиња, тоа, според законот, се води како анонимна. Меѓутоа, решивме да формираме група за да ги провериме овие предмети, а во меѓувреме ни стигна демант, исто од група вработени, стручни соработници, дека тие не ја поднеле тие оваа претставка. Исто така, таа е без имиња и презимиња, но на оваа втората имаат ставено потпис. И двете ги цениме како анонимни. Неделава треба да се готови бидејќи станува збор, како што ви кажав, за пет или шест предмети. Не се голем број – рече тој.

Камбовски најави дека најбргу што може ќе се проверува целокупната работа на Апелацискиот суд Скопје.

Во однос на случајот со новинарката од Тетово, Љиридона Вејсели, која беше казнета со 700 евра за кривично дело злоупотреба на лични податоци од Основниот суд во Тетово, Камбовски нагласи дека станува збор за постапка која е сè уште во тек и во моментот кога Судскиот совет ќе процени дека треба да интервенира, ќе го направи тоа.

– Судскиот совет ја следи работата насите судови во државата, ја следи вклучително и работата на конкретниот суд и на конкретниот судија. Таму станува збор за постапка која е сè уште во тек. Значи, не е завршена постапка. Ние следиме и во оној момент кога Судскиот совет ќе процени дека треба да интервенира, ќе го направи тоа – рече Камбовски.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3