Connect with us

Вести

ФИНКИ ќе ги добие двете недовршени згради кај Ректоратот на УКИМ, ќе се доградуваат по нови проекти

Двата недовршени објекта кај Ректоратот на УКИМ, чија изградба е стопирана повеќе од десет години, ќе се доградуваат кога ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи. 

Од Министерството за образование и наука велат дека во петокот (30 јанаури) завршил рокот за аплицирање на тендерот за нови проекти за градба, кој МОН го објави на крајот од 2025 врз основа на стручната анализа за состојбата во која се сега недоградените објекти и во согласност со потребите на нивните идни корисници.

Некои од тие потреби, како и стандардите за градење во меѓувреме, односно од 2013 кога почна изградбата, се сменети и затоа е одлучено, и наведено во тендерот, двата објекта да ги користи само Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бидејќи само една зграда не ги задоволува потребите ниту на овој факултет ниту на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за кој беше наменет другиот објект. Од МОН ни соопштија дека и за овој факултет се планира нова зграда на местото каде што тој се наоѓа.  

Повикот за понуди за репроектирање на објектите беше објавен откога МОН ја доби анализата направена од стручно тело координирано од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет. Во работната група беа вклучени и други факултети на УКИМ: ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). 

Проф. Марковски рече дека двата објекта, кои се простираат на вкупно 22.753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и ќе немаат барокна фасада. Во нивната внатрешност ќе има прераспоредување на просториите, ќе има промени во инсталациите за греење, компјутерската инсталација итн. 

– Двата објекта се подземно поврзани со паркиралиште, а ќе има и топла врска помеѓу нив бидејќи ќе бидат за еден факултет, откако се заклучи дека ќе добиеме две згради, но ниту едната ниту другата нема да ги задоволи потребите ни на двата факултета. Сега треба да се најде проектант, потоа да се најде изведувач и да ги доврши работите. Проектната задача е доста обемна од сите аспекти. Дадени им се одредени насоки на идните проектанти каде треба да се движат и во однос на архитектонскиот облик, но, се разбира, не премногу детаљно затоа што на проектантот треба да му се даде слобода – изјави проф. Марковски.

При истражувањето на состојбата на недоградените објекти, вели, се изненадиле од силната карбонизација во бетонот, што потврдува дека има енормно загадување во тој дел од Скопје. Марковски појаснува дека карбонизација на бетонот на толку зачудувачки високо ниво е утврдена на некои места на објектите како последица на комбинацијата од влага и големо присуство на јаглероден диоксид и дека тој процес може да доведе до корозија на арматурата. Со новиот проект треба да се заштитат загрозените делови, а преостанатиот дел од конструкацијата, како што рече, е солиден и нема показатели на деградација.

– Бетонот е во принцип базна средина, со висок pH-фактор, и затоа арматурата во него е заштитена од корозија. Но, овој процес ја намалува базичноста и арматурата може да биде изложена на забрзана корозија. Објектите стојат отворени и оставени на атмосферските влијанија – дожд, мраз, снег, внатре влегувала вода и стоела додека не испари итн. Тоа траело со години. Во арматурата засега не е почната корозијата, но добро е што ќе се преземаат активности за завршување на овие објекти. Ако така остане уште некое време, дополнително ќе треба да поскапи целата алтернатива. Сега има мерки кои се релативно евтини и лесно применливи за да може да се стопира тој процес. Од една страна, имаме недовршени работи, тоа се фрлени пари, што е и најголемата штета, а второто што го откривме во анализата е дека токму тој дел, крстосницата кај Ректоратот, е еден од најзагадените во Скопје. Ова е доказ дека таму навистина имаме енормно загадување со јаглероден диоксид бидејќи во толку кус период од десетина години имаме толку голема карбонизација навлезена во длабочината на бетонските елементи. Има и на мостовските конструкции, кои се изложени на надворешни влијанија, но тоа е процес што треба да трае стотина години. А овде имаме за само десет години. И од научна гледна точка за нас тоа е интересен податок и потврда за тоа колку во Скопје е загаден воздухот – рече Марковски.

Динамиката со која ќе продолжи изградбата на објектите ќе зависи од расположивите средства во буџетот. Кога МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР) лани во мај го потпишаа меморандумот за формирање на работната група за увид во физичката состојба на објектите, беше соопштено дека според договорите за реализација на проектите од пред десетина години изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, а градењето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје – 432 милиона денари. 

– Скапите работи допрва доаѓаат. Кога се почнуваат објекти и од која било причина остануваат недовршени, потоа секогаш има проблем од разни аспекти. Покрај тоа што фирмата изведувач заврши неславно, главната причина за многу години статус кво беше политичка, за жал, како што и најчесто бидува. На тие објекти и не им беше таму местото, надвор се од кампусот на УКИМ, таа локација е за парк. Почнаа да се градат без урбанистичка и архитектонска логика. Но, сега двете можности се или да се доградат или да се урнат. Тешко оди уривањето на вакви почнати објекти од повеќе причини. Веднаш ќе има реакции во јавноста дека се урива нешто што е изградено. Најдобро урбанистичко решение е да ги нема, меѓутоа кога веќе ги има, треба да ги направиме така што ќе извлечеме максимум од нив. Заинтересираност и ангажман да се спаси она што е веќе направено и да се обезбеди квалитетен простор за ФИНКИ гледам и во Министерството за образование и наука почнувајќи од министерката. Сакам да нагласам и дека од МОН немавме никакви ограничувања, услови или барања како тие би требало да изгледаат. Сè беше оставено на струката, имавме одврзани раце во поглед на тоа колку може максимално тие објекти да се усогласат со постојните во кампусот на УКИМ – посочи професорот од Градежниот факултет. 

Стручната анализа за состојбата на двата објекта е направена бесплатно од работната група што тој ја кооридинира затоа што, вели, чувствувале општествена одговорност и затоа што тоа е најмалку што може да направат за наш факултет и за наши студенти. Работната група понатаму не е вклучена во процесот, но му стојат на располагање на МОН во следните фази од овој проект. Марковски смета дека новото проектирање ќе трае до есен и дека би било добро ако до крајот на оваа година МОН распише тендер за изведувач на градежните работи. 

Градежниот и Архитектонскиот факултет почнаа да работат и на проектот на „Македонски железиици – Инфраструктура“ за чистење и целосно реновирање на Железничката станица – Скопје, што треба да почне да се реализира в година. Марковски вели дека идејата е да ѝ се врати некогашниот сјај на главната железничка станица, со тоа што ќе бидат вметнати модерни материјали и содржини, но ќе се задржи автентичноста.

Неговата порака е дека објектите што се белег на главниот град мора да ја зачуваат суштината и, како што рече, да се има цивилизациски однос кон историското наследство и авторските дела.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4