Култура
Претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ во МКЦ
Во Младинскиот културен центар вечер ќе биде изведена претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василески која раскажува за откривањето на радиумот „кој ветувал вечна младост, а донел смрт“. Независниот театар „Штрих“ соопшти дека претставата е приказна за харизматичниот индустријалец Ибен Бајерс, чија опсесија бил зелениот еликсир наречен „Радитор“.
-Во мракот на фабриките за часовници, нешто неприродно свети. Младите работнички ги лижат четките, бележејќи радиумски бројчаници – им кажале дека е безопасно, дури и здраво. Нивните фустани светат кога одат дома. Нивните усни. Нивната коса. Тоа е магија, мислат тие. Радиумот е чудо на 1920-тите – во кремови за лице, во чоколадо, во пијалаци што ветуваат енергија и виталност. Го нарекуваат „вечна сончева светлина“. Научниците добиваат Нобелови награди за него. Богатите го пијат во скапоцени шишиња, а работниците го бележат за пари. Но, радијацијата не разликува класа, пол, ниту амбиција. Коските на младите девојки почнуваат да се распаѓаат. Вилицата на Бајерс отпаѓа парче по парче. Она што светеше во мракот, сега свети од нивните гробови – радиоактивни останки што ќе траат илјадници години, соопшти театарот „Штрих“ за претставата.
Во најавата наведува дека претставата е застрашувачко сведоштво за извонредниот подем и трагичниот пад на човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност.
-Со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува длабоко во темнината што се крие зад навидум непобедливата аура на протагонистот, истражувајќи хибрис и трагедија што даваат одговор на многу, навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми. Паралелно со приказната на Ибен, радиумските девојки ја раскажуваат своја приказна обоена во црно од зелениот еликсир, создавајќи моќен општествен коментар за цената на неконтролираната амбиција и кревкоста на човечкото постоење, се додава во соопштението.
Во претставата играат: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Продуцент на претставата е Андреа Маркоска, драматург Стефан Миленков, сценограф Ненад Тонкин, костимограф Марта Дојчиновска, музиката е на Сашко Костов.
февруари 1, 2026

