Connect with us

Регион

Пленковиќ од собирот на ЕПП во Загреб повика на поголеми демографски напори и конструктивен дијалог со САД

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ повика на поголеми напори за справување со демографските предизвици во Европа и за дијалог со Соединетите Американски Држави, кои, според него, остануваат важен партнер.

Пленковиќ говореше на синоќешното отворање на неформалната средба на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб. Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, од своја страна ја оцени „добрата подготовка“ на настанот и ја дефинираше владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) на Пленковиќ како исклучително успешна партија, која продолжува да ужива висока јавна поддршка дури и по долг период на власт.

Во својот говор Пленковиќ посочи дека ЕПП денес се наоѓа во многу посложен свет од претходно, споменувајќи ги кризите како руската агресија врз Украина, нестабилноста на Блискиот Исток и односот со новата американска администрација, која има несогласувања со Европа по одредени прашања. Тој истакна дека САД сепак остануваат важен партнер и потсети на нивната „исклучителна улога“ во обновата на Европа по Втората светска војна. Премиерот на Хрватска повика на трансатлантски дијалог со цел решавање на несогласувањата на разумен и прагматичен начин.

Говорејќи за време на неформалната средба на ЕПП, која има доминантна улога во Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија, Пленковиќ исто така повика на поголеми напори во поддршка на демографското обновување на Европа. Тој подвлече дека демографските проблеми се директно поврзани со конкурентноста, пазарот на труд и станбеното прашање.

На средбата се обрати и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, чија земја во моментов е ротационен претседавач со ЕУ. Тој изјави дека светот поминува низ тектонски промени и затоа улогата на ЕПП станува уште поважна, особено за зачувување на политичката стабилност во Европа. Христодулидис повика на посилен ангажман кон проширувањето на ЕУ, што го дефинираше како „еден од најсилните инструменти на Унијата“.

Неформалната средба во Загреб, која продолжува и денеска, собра над 20 европски лидери, вклучувајќи ги претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, германскиот канцелар Фридрих Мерц, грчкиот премиер Кириакос Мицотакис, полскиот премиер Доналд Туск и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

На маргините на средбата, Пленковиќ се сретна со својот грчки колега Мицотакис. „Како медитерански земји, се стремиме кон продолжување на нашето партнерство во рамките на иницијативите EUMED 9 и ‘Три мориња’, со која Хрватска претседава оваа година“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Хрватскиот премиер оствари средба и со полскиот премиер Доналд Туск. „Имаме цел да создадеме услови за дополнително засилување на економската размена, која продолжи да расте и во 2025 година. Разговаравме и за случувањата во соседните региони, трансатлантските односи и мировните иницијативи поврзани со Украина, како и за засилување на европската одбрана и безбедност“, објави Пленковиќ на Икс.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3