Свет
Нереди на протестите против затворањето на културен центар во Торино
Големи нереди избија вчера за време на протестите против затворањето на левичарски културен центар во Торино, на северот на Италија.
Според податоците на државната телевизија РАИ, во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, од кои дел биле маскирани, биле повредени 31 полицаец. Уапсени се десет лица.
Засега нема информации за бројот на повредени меѓу демонстрантите.
Протестите беа организирани поради иселувањето на културниот центар „Аскатасуна“, кој со децении претставувал место на собирање на левичарската сцена во Торино, а бил иселен непосредно пред Божиќ.
Организаторите соопштија дека околу 50.000 луѓе учествувале во протестната поворка што поминала низ центарот на градот. Демонстрантите носеа и бројни палестински знамиња.
За време на протестите дојде до сериозни нереди, при што толпата фрлаше камења, молотови коктели и други предмети кон полицијата. Запалени беа неколку канти за отпад, како и едно полициско комбе.
Безбедносните сили возвратиле со солзавец и водени топови.
Еден демонстрант бил однесен со повреди на главата, а на една снимка се гледа полицаец како лежи на земја додека маскирани лица го тепаат.
февруари 1, 2026

