Connect with us

Вести

Мицкоски за стартот на „Безбеден град“: Очекувам драматично да се намали бројот на прекршоци, целта не е да се казнуваат граѓаните туку да нема загуби на човечки животи

Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се намали бројот на прекршоци во сообраќајот со проектот „Безбеден град“ чија имплементација почнува од денеска со казнувањето за сторени сообраќајни прекршоци. Вели дека е зголемен прагот на толеранција за казнување, но дека како ќе се навикнуваат возачите, така ќе се вратиме на европските критериуми.

– Го зголемивме прагот на толеранција, до 50 ќе биде 6 километри на час, над 50 девет километри на час, над 90 – 12 километри на час. Се зголеми таа толеранција да не се казнуваат, но како ќе се навикнуваат возачите, така ќе се вратиме на оние европски критериуми. Ние сега сме малку повеќе, ние сме некаде на 15 проценти. Не е поентата да се казнуваат граѓаните, туку да нема последици од сообраќајни несреќи и загубени човечки животи. Очекувам драматично да се намали бројот на прекршоци и казни, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот на изградба на булеварот „Македонија“ во Скопје. 

За последното истражување на Институтот „Демократија“, премиерот рече дека никогаш не било доведено под знак прашање интегрирањето на нашата држава во рамките на ЕУ и покрај целата жртва што ја понеле граѓаните и понижувањата и изневерените очекувања од страна на поединци во Брисел.

– Граѓаните во Македонија се проевропски ориентирани, дури се поевропски ориентирани и од некои други земји членки на ЕУ и за тоа не треба никој да има дилема, рече Мицкоски. 

Вели дека е добро што расте поддршката за членство во ЕУ и дека тој лично очекувал тој процент да биде 90.

– Тоа значи дека ние работиме во креирање на перцепцијата за да се зголеми процентот кај граѓаните и ќе продолжиме така да работиме. Што е проблемот? Кога сите тие што денеска велат дали сте за ЕУ под услов да го сменитме сега Уставот, а да немаме сеуште извесен крај, е тогаш одговорот е обратен, тогаш 71 процент се против. Граѓаните се уморни од изневерувањето и очекувањата и покрај тоа што направија како ниту едни граѓани на земја членка на ЕУ. Овие граѓани одамна го заслужуваат местото во ЕУ и се надевам дека ЕУ заедно со нас ќе изнајде начин да гарантираме дека понатаму нема да има билатерлни вета. Убеден сум дека сме многу поподготвени од државите аспиранти во Европската унија, истакна Мицкоски. 

Ако ние менуваме Устав со цел одредена група во нашето општество да биде конститутивен дел на државата, тогаш, вели Мицкоски, барем нашата македонска заедница во тие држави треба да ги има елементарите човекови права – да може да се здружува во невладини организации.

Премиерот Мицкоски засега останува на ставот за редовни парламентарни избори во 2028 година.

– Ако денес ме прашувате, немам таква намера, рече Мицкоски, коментирајќи го интервјуто на лидерот на опозициската СДСМ дека Владата нема да издржи до 2028 година.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1