Општини
Сојузот на борци и граѓаните со реакција на новоформираната група за преименување и именување на улици во Тетово
Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира против одлуката на Советот на Општина Тетово повторно да се формира Работна група за преименување и именување на улици.
-Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово остро реагира против одлуката на Советот на Општина Тетово повторно да се впушти во процес на преименување на тетовските улици и да се обиде на голема врата да наметне како општествена вредност имиња на фашисти, балисти, милитанти, терористи и злосторници. Нема никаква рационална потреба од ваквата одлука. Законот го демантира употребениот изговор дека имало улици кои се воделе со бројка. Тоа не е забрането и целосно е во ред, особено за улици без големо урбано значење, се вели во соопштението на Сојузот на борци.
Оттаму апелираат до општествените чинители за, како што велат, „заедно да го разобличиме и овој постојан притисок и терор кон граѓаните на Тетово“.
-Имајќи во предвид дека пред неколку месеци целата македонска јавност гневно реагираше против отворањето на бугарските фашистички клубови во неколку градови, апелираме до совесното граѓанство, интелектуалците, новинарите и политичките субјекти заедно да го разобличиме и овој постојан притисок и терор кон граѓаните на Тетово, посочуваат од Сојуз на борците од НОАВМ Тетово.
јануари 31, 2026

