Connect with us

Свет

Промовирана програмата на идната холандска Влада: Инвестиции во домувањето и одбраната, но и повисоки даноци

Новата холандска Влада во наредните години сака да вложи повеќе средства во одбраната и во поевтини станови, што ќе биде компензирано со повисоки даноци и поскапа здравствената заштита.

Ова се предвидува со програмата за работа на идната холандска малцинска Влада насловена „Стапуваме на работа“, што денеска во Хаг ја промовираше лидерот на најголемата од трите коалициски партии, Демократи 66 (Д66), Роб Јетен, кој веројатно ќе биде и нов премиер на Холандија.

– Секој од нас има своја историја и свои ставови за човештвото и светот, но го споделуваме убедувањето дека Холандија може повторно да продолжи да напредува ако политичарите воспостават нормална дебата. Холандија мора да биде земја на можности за сите, без оглед на возраста, потеклото, здравствената состојба или приходите. Земја каде што едноставно им помагаме на другите кога е потребно и се грижиме едни за други, се вели во владината програма од 67 страници.

Со програмата се предвидува изградба на 100.000 нови домови годишно за да се надмине проблемот со недостиг на станбен простор, делумно предизвикан од растот на бројот на населението, но и поради долгите градежни процедури и ограничениот простор за градба, што резултираше се раст на цените на становите и куќите во последните години.

За таа цел се предлага изградба на најмалку 30 нови населби, каде две третини од домовите ќе бидат продавани по прифатливи цени или наменети за социјално домување. За овој проект се предвидува издвојување на приближно една милијарда евра годишно од буџетот, почнувајќи од 2029 година.

Согласно препораките на НАТО, со програмата се предвидува структурно зголемување на трошоците за одбраната на ниво од 3,5 проценти од БДП, а за справување со недостигот на персонал во Армијата, се предлагаат стимулации за привлекување на младите за отслужување на воен рок. Целта е да се обезбеди зголемување на бројот на припадниците на Вооружените сили на најмалку 122.000 лица. Доколку ефектот од овие мерки остане ограничен, во игра е и селективно враќање на задолжителниот воен рок.

За покривање на овие зголемени трошоци за потребите на одбраната се предвидува воведување на „самопридонес за слобода“, кој би требало да донесе над три милијарди евра годишно.

Со владината програма се предвидува и зајакнување на контролата врз приливот на баратели на азил, на тој начин што ќе се иницира барањата за азил да се поднесуваат и обработуваат надвор од Европа, со што холандската Служба за имиграција и натурализација (ИНД) ќе може да донесува одлуки побрзо и пофлексибилно.

Се предвидува и барателите на азил кои го кршат законот или предизвикуваат проблеми да бидат сместени во „имиграциски притвор“ или веднаш депортирани.

Со програмата се предвидува и поголем фокус на здравствениот сектор и благосостојба со цел создавање на „најздрава генерација досега“. Овие мерки вклучуваат забрана за продажба на производи што содржат никотин на лица под 21 година, бесплатно делење овошје во училиштата и дополнително финансирање на изградба на спортски објекти и игралишта на отворено.

За да се избегне фрагментација на Парламентот и да се намали бројот на парламентарни партии, се програмата се предвидува измена на изборното законодавство со воведување на изборен праг и преференцијално гласање. Според сегашниот изборен закон не постои изборен праг и за освојување на место во Парламентот се потребни најмалку околу 0,7 отсто од гласовите. На последните избори одржани на 29 октомври минатата година места во Долниот дом на Парламентот обезбедија 15 партии, од кои седум имаат три или помалку мандати.

Ваквата владина програма беше усогласена во вторникот вечерта од страна на трите партии идни коалициски партнери – социјал-либералната Д66 на Јетен, конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Дилан Јешилѓоз и демохристијанската Христијански демократски повик (ЦДА) на Анри Бонтенбал.

Трите партии ќе формираат малцинска Влада, која ќе има 66 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент или 10 помалку од потребните за парламентарно мнозинство. На таквата Влада ќе ѝ биде потребна поддршка од некоја или некои опозициски партии.

Предвидено е лидерите на трите партии да се сретнат во вторник за да почнат да разговараат за имињата на потенцијалните министри, а според прелиминарниот план новата Влада би требало да положи заклетва пред холандскиот крал Вилем-Александер на 23 февруари.

Договорот на трите партии уследи по неуспешните преговори за формирање на мнозинска влада по октомвриските предвремени парламентарни избори на кои изненадувачки победник беше Д66 на Јетен.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2