Connect with us

Сцена

Трамп на премиерата на филмот „Меланија“: Мојата сопруга е поотворена во вториот мандат

Американскиот претседател Доналд Трамп даде изјава на премиерата на документарецот „Меланија“, кој ја раскажува приказната за неговата сопруга. Имено, тој смета дека таа е поотворена за време на неговиот втор мандат, кој почна во јануари минатата година, пренесе ДПА.

Филмот, режиран од Брет Ратнер и продуциран од „Амазон Ем-џи-ем студиос“ (Amazon MGM Studios), го следи животот на првата дама пред инаугурацијата на Трамп во 2025 година, од нејзиниот дом во кулата „Трамп тауер“ во Њујорк до имотот Мар-а-Лаго во Палм Бич и ги доловува миговите зад сцената во Белата куќа. Документарецот премиерно беше прикажан вчеравечер и е деби-проект на новата филмска продукциска компанија на првата дама – „Мјуз филмс“ (Muse Films). Пред премиерата што се одржа во културниот „Трамп – Кенеди центар“ во Вашингтон претседателот Трамп се согласи дека првата дама денес е поотворена, објави денеска „Фокс њуз“ (Fox News).

– И јас го забележав тоа. Таа е поотворена. Тоа доаѓа со времето. Одлично си ја заврши работата. Таа е многу популарна, многу почитувана личност! – истакна Доналд Трамп.

Меланија Трамп за „Фокс диџитал“ изјави дека е „многу селективна“ во она што го прави и зборува.

– Тоа е мој избор. Јас сум ориентирана кон мисијата и дејствувањето и имавме многу успешна прва година во мојата канцеларија како прва дама. И се гордеам на она што го постигнавме – додаде Меланија.

Документарниот филм „Меланија“ ја прикажува работата на првата дама, нејзините филантропски потфати и нејзиниот семеен живот додека се подготвува вторпат да стане прва дама на САД. Прикажувањето на документарецот во кината во светот почнува денес. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 3