Connect with us

Живот

Научно истражување: Генетиката одредува до 55 отсто од животниот век

Според научно истражување објавено во списанието „Сајенс“ (Science), генетиката одредува дури до 55 отсто од животниот век на човекот. Во него се наведува дека гените имаат значително големо влијание врз животниот век отколку што се мисли.

„Меѓународен тим истражувачи користел податоци од анализи на близнаци за да ги разграничи надворешните причини за смрт: несреќи, убиства, инфекции, од внатрешните, биолошки фактори: генетски мутации и болести поврзани со стареењето“, пренесува „Ен-би-си- њуз“. Со раздвојување на овие категории истражувачите добиле попрецизна процена за влијанието на генетиката врз животниот век, што е значително повеќе од претходните процени од 6 до 33 отсто.

Според авторот на студијата, Бен Сенхар, од Институтот „Вајцман“ во Израел, ова не е резултат на случајност. Ако ги погледнете студиите на близнаци за речиси која било особина, речиси 50 отсто се наследни. Истото ова важи и за старосната граница на менопаузата. 

Професорот Мортен Шеибје-Кнудсен од Универзитетот во Копенхаген оцени дека новиот пристап го „елиминирал надворешниот шум“ и ја открил основната биологија на стареењето. Тој потсети дека гените во голема мера го одредуваат животниот век кај разни видови – од квасецот што живее 13-ина дена до китовите, кои може да живеат и повеќе од 200 години. Сепак, експертите предупредуваат дека здравиот начин на живеење и понатаму игра главна улога.

 – Ако генетиката одредува 55 отсто од животниот век, преостанатите 45 отсто и понатаму зависат од исхраната, физичката активност и животните навики – вели Сенхар.

Научниот труд истовремено укажува на значењето на понатамошните истражувања на заштитните гени што „го продолжуваат животот“, особено кај луѓе што носат гени што штитат од хронични болести, како што се: (FOXO3), (APOE) и (SIRT6). Истражувачите заклучуваат дека долговечноста, најверојатно, зависи од мешавина на гени, а не од еден клучен ген за сè. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 4