Connect with us

Регион

Вселенскиот патријарх Вартоломеј остави бели рози на стадионот на ПАОК во спомена на загинатите навивачи

Седум бели рози во спомен на седумтемина навивачи на солунскиот клуб ПАОК, кои животот го загубија во сообраќајната несреќа во Романија, остави вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој планираната посета на Солун, веднаш по пристигнувањето, ја почна со посета на стадионот на ПАОК, јави дописничката на МИА од Атина.

Вселенскиот патријарх од стадионот на солунскиот клуб изрази сочувство и поддршка до родителите и блиските на жртвите, како и до раководството и навивачите на ПАОК, но и соопшти дека утре ќе одржи молитвена литургија за успокојување на душите на седумтемина млади, но и на петте жени, кои ги загубија животите во понеделникот во експлозијата во фабриката во Трикала.

– Со длабока тага доаѓам на местото на кое се оддава почит на споменот на жртвите од оваа трагедија. Доаѓам на стадионот на ПАОК, каде што овие млади момци и сите навивачи на ПАОК живееа историски моменти, моменти на радост и воодушевување кога нивниот тим победуваше. И, секако, тргнаа за Франција со надеж дека и овој пат нивниот тим ќе се врати како победник во Грција. Но, нивниот сон имаше трагичен крај. Во Романија за миг ги загубија животите, нишката на нивниот живот беше прекината и во жалост ги завија сите навивачи на ПАОК, секако нивните семејства, роднини и пријатели, како и цела северна Грција и целото грчко општество – рече вселенскиот патријарх.

Посочи дека во вакви моменти „многуте зборови не помагаат и тешко може да ја ублажат неискажливата болка“.

Сообраќајната несреќа, во која загинаа седум навивачи на грчкиот фудбалски клуб ПАОК на пат од Грција за Франција за натпреварот со Лион, се случи во вторникот во близина на градот Темишвар во западниот дел на Романија кога комбето со кое патуваа вкупно десет лица при престигнување директно се судри со камион.

Во несреќата поведени се другите тројца навивачи, а двајца од нив со авион на грчкото воено воздухопловство денеска ќе бидат пренесени во Грција, поконкретно во солунска болница.

Подоцна во текот на денот, исто така авион на грчкото воено воздухопловство ќе замине за Романија за да ги врати во Грција телата на загинатите.

Причините за несреќата засега остануваат непознати.

Фудбалскиот натпревар Лион – ПАОК е закажан за вечерва, ќе се одржи регуларно и покрај барањето на солунскиот тим да се одложи.

Веднаш по несреќата, навивачи, не само на ПАОК, туку и на другите грчки тимови, како и граѓани, оставаат цвеќиња и свеќи на стадионот во Солун во спомен на загинатите.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3